Три од четирите деца кои со „форд мондео“ околу 4 часот по полноќ се забиле во метална бандера и бетонска жардиниера на булеварот „Мајка Тереза“, познат како „Водњанска“, се со многу тешки повреди и во животна опасност, потврдуваат за Канал 5 од ТОАРИЛУЦ – Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар.
Двајца од нив се во операциона сала, а лекарите се борат за да ги спасат нивните животи, велат оттаму.
Во меѓувреме, 15-годишникот кој го управувал возилото е во стабилна состојба и завршил само со скршеници на потколеницата, информираат од „Осми септември“, градската болница каде тој бил донесен по незгодата.
Утринава во 04:20 часот било пријавено дека на крстосницата од бул.”Мајка Тереза”, со ул.”Тодор Александров” и ул.”Белградска” патничко моторно возило “форд мондео” со скопски регистарски ознаки, управувано од малолетник од Скопје, удрило во метална канделабра и бетонска жардиниера, информираат од полицијата.
Со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот што го управувал возилото и уште тројца малолетни сопатници, од кои еден од Струмица, а двајца од Скопје). Примени се во Градската општа болница “8-ми Септември” и Комплексот клиники “Мајка Тереза”.