logo
logo
logo

Боцевски

ТРЕТ АСНОМ ќе го врати суверентитетот

Vecer | 23.07.2022

ТРЕТ АСНОМ ќе го врати суверентитетот

„Македонија зачекорува во првата битка за враќање на сопственото достоинство. Македонскиот народ со денови чекореше на улиците, за да го искаже својот отпор против понижувањето. Започнува нов и трнлив пат до третото заседание на АСНОМ, чинот каде што Македонија ќе си го врати сопствениот суверенитет и ќе ја обнови својата државност.“ – вели понарешниот макеонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Протест, референдум, пресврт – македонскиот отпор во 21 век“.

Покрај другото, Боцевски пишува: „Македонија никогаш не се наоѓала во потешка меѓународно–политичка состојба отколку што е денес. Договорот Ковачевски–Петков ја донесе Македонија во подредена положба кон друга земја, Бугарија, која ја спори и македонската државност и посебноста на македонскиот народ. Сите нивни барања сега имаат и европски печат и ќе се наоѓаат и под будното око и на другите клучни западни меѓународни чинители на Балканот, меѓу кои американската и британската дипломатија за да се осигури спроведувањето на тие барања.

„Владата на Димитар Ковачевски влезе во овие гнасни и погубни одлуки исклучиво од лични и коруптивни цели, за да купат некој ден власт повеќе. Разбирлива е и поддршката кон оваа бедна политичка врхушка, што доаѓа од меѓународните чинители. Никогаш повеќе во македонската историја нема да се случи со земјата да владее толку кусогледа и неспособна влада, толку зависна од меѓународната поддршка и толку одлепена од демократскиот глас на народот и од националните интереси.“

„Вакви самоубиствени одлуки не ги донесуваат водачи, кои што мислат на далекусежните перспективи на сопствениот народ, неговите поколенија и неговиот од низ историјата. Зоран Заев јасно искажа подготвеност да ја однесе својата земја во бездна и во безизлез, па таа шанса меѓународните чинители ја зграпчија, со цел да ‘решат’ дел од проблемите на Балканот. За меѓународните чинители е неважен фактот, што Македонија внатрешно е скршена како држава, дека уставниот поредок е суспендиран и оти власта нема никаков демократски мандат. Тоа си е само наш домашен проблем, но не и нивен проблем.“

„Како понатаму? СДСМ веќе е целосно истрошена политичка сила и компромитирана идеја. Tие не може да го издржат товарот на серијата национални порази, катастрофи и предавства, во кои свесно влегоа. СДСМ трајно го изгуби асномското јадро, тој инерцијален момент што им даваше импулс дури и по сите грешки од 1990-тите и раните 2000-ти.“

„Потребни се јасни политички пораки дека е завршено со ерата на македонските понижувања, во која се случија сите договарања, преговарања, потписи, документи и гаранции, кои го достигнаа врвот со погубниот ‘Преспански договор’ и со неоколонијалниот ‘Бугарски договор’. Се додека е ‘северна’ Македонија не може да биде суверена земја. Спроведувањето на ‘Бугарскиот договор’ е поништување на сè што е македонско во Македонија. Бришењето на македонскиот народ и на сите негови белези е само чекорот до бришењето на македонската државност, што е крајната чудовишна цел на ‘Бугарскиот договор’.“

„Најтежок ќе биде првиот чекор. Бугарија сега ја има преговарачката рамка, со сите протоколи и никој во Европа нема да има ниту една трошка политичка волја да се навраќа повторно на ‘македонското прашање’. Тука, на оваа точка, ќе ги мериме идните лидери на Македонија. Меѓународните чинители прво ќе велат дека преговарачката рамка е ‘затворена работа’, па ќе се закануваат со сите алатки на притисок, што им стојат на располагање. Ќе се закануваат со дестабилизација на земјата. Некои ќе игнорираат. Но идната македонска влада ќе мора да опстои на своето.“

Ивица Боцевски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk