Како се ближат изборите – така расте бројот на огласи за вработување. Минатиот месец биле распишани 151 оглас од кои 114 за потребите на општините, нотира Транспаренси интернешнал.

Само за споредба, во јануари оваа бројка била дури осум пати помала. Претседателката на Транспаренси, Слаѓана Тасева, вели дека ова е начин за влијаење на гласачкото тело, објави Канал 5.

Тоа е, едноставно, искористување на приликата за да може да се влијае на јавното мислење преку трошење на јавни пари и преку зголемени можности за вработувања – вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнал.

Антикорупционерката Ивановска, пак, смета дека овој тренд би запрел само ако се вработува професионален наместо партиски кадар.

Јас лично сметам дека ако во државна администрација се обезбеди вработување само на професионалци кои не се членови на партија – јас таму го гледам излезот. Тогаш можеби луѓето ќе се мотивираат, односно оние што се партиски војници нема да се мотивираат да бидат вработени – вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Нури Бајрами од ДКСК нотира дека локалните самоуправи се полни со луѓе ангажирани преку приватни агенции кои се држат спротивно на законот. Затоа бара да се исклучат агенциите од јавниот сектор.

Така им било ветено. Искористени се да ги држат привремено. На крајот, сакаат да ги вдомат тие што ги имале внатре и така се обидуваат да ги прилагодат и систематизациите – вели Нури Бајрами, ДКСК.

Антикорупциска периодов ќе ги следи предизборните вработувања. Оттаму велат, важно е да се внимава систематизацијата на вработени да е во согласност со реалните потреби.