Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците расправаше за предлог-законот за преиспитување факти и докази користени во судска постапка, поднесен од Павле Трајанов, при што го проследи во натамошна постапка.

„Со овој закон се отвараат можности за фер судење, при што за монтираните судските предмети ќе се отвори главен претрес, каде што ќе се преиспитуваат користените факти и докази, но ќе има можност да се презентираат и нови докази“, изјави Трајанов.

Како што додаде, постапката ќе се повтори доколку е повредено начелото на пресумција на невиност, злоупотрени се системите за прислушување, користен е заштитен (лажен) сведок, злоупотребен е системот за рспределба на судските предмети (АКМИС) или не е обезбедено еднаквост на оружјето (презентирање докази).

Според него, ова е исклучителна можност за корекција на неправдата, но и да се разобличи улогата на политичките моќници, како и на полицијата, Обвинителството и судот.

„Не се бара амнестија, помилување или аболиција, туку правна можност за преиспитување на судските одлуки, но во случаи во кои се исполнети некои од овие услови, односно судската одлука е заснована на несодветна примена на законите, без релевантни факти и докази, без можност да се соберат докази итн.“, додаде тој.

Комисијата заклучи да се организира и јавна расправа, каде што експертите ќе може да ги презентират своите стручни ставови.

Инаку, овој предлог-закон е во собраниска постапка доставен на 12 ноември 2020 година, при што во меѓувреме веќе е расправано со експерти, како и со претставници на Владата и невладиниот сектор.

Предлагачот е подготвен да прифати амандмани за номотехничко подобрување на текстот, како и за друг вид подобрување на законските решенија.

 

makfax.com.mk