logo
logo
logo

Трајанов: Ќе бараме да ги видиме двата предлога

Vecer | 01.07.2022

Трајанов: Ќе бараме да ги видиме двата предлога

Претседателите на партиите коишто се дел од владината коалиција денеска пред средбата во Владата изјавија дека очекуваат премиерот Димитар Ковачевски да ги информира за франскиот предлог со којшто би се тргнало ветото за влез на земјата во ЕУ.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека прво и најбитно е тоа што предлогот ниту првиот, ниту вториот тие како коалициски партнери не го добиле и оти не можат за првиот да изградат став врз основа на она што го објавија медиумите во Бугарија и овде кај нас. 

-Ќе барам прво што е најважно да го обезбедиме предлогот, да имаме временски простор да го разгледаме, да направиме сериозна анализа, да консултираме експерти и после тоа да го изградиме нашиот став. За секој случај ќе инсистираме и првиот и вториот предлог да ни бидат доставени и ќе бараме од Владата, од МНР во писмена форма во што е суштината на новиот променет предлог, изјави Трајанов.  

Според информациите што доаѓаат од Бугарија, посочи Трајанов, „тие тврдат дека нема никакви суштински промени“.

-Но, треба да го видиме. Натаму ќе инсистирам широка расправа да има. Меѓу другото, еве медиумите да ја отворите вие оваа расправа, невладиниот сектор, експертите, политичките партии да се расправа во Парламентот и Парламентот ако изгради став единствен да оди на проверка на граѓаните. Значи, ќе инсистираме да граѓаните се изјаснат. Вака пошироко гледано има политички и граѓански консензус за евроинтеграциите што не е спорно, тоа е стратешки национален интерес на сите во државата што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, но се разбира без да се загрози нашиот национален идентитет, рече претседателот на ДС.  

Инсистираме, потенцира тој, да има јасна одредба во преговарачката рамка дека македонскиот јазик е еден од јазиците што ќе се користи во рамките на ЕУ. Околу уставните промени, Трајанов рече дека ќе бараат тоа да биде на реципрочна основа и оти инсистираат и Македонците да бидат признаени односно нивните права согласно одлуките од Стразбур.

-Сега не можам да кажам дефинитивен став бидејќи, како што и вие не можете да изградите, никој не може во државата освен државниот врв бидејќи не сме го виделе предлогот. Тие ставови што ги кажав јас ќе ги презентирам исто и тука и уште една работа на која што ќе инсистирам ако се тука министрите, не може министри коишто сакаат да бидат европски министри да се закануваат дека има хибридни напади, дека има со кривичен прогон ќе ги расчистуваат, мислам дека тоа не е својствено на министер за евроинтеграции, уште помалку на министер за надворешни работи, рече Трајанов.

Претседателот на ДС смета дека во однос на ова прашање потребно е да се изгради единство без разлика на етничка, религиска припадност бидејќи да не добие ова сега да се двоиме по етничка основа околу предлогот на Франција.  

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски пред почетокот на средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата изјави дека француски предлог не го видел, иако било кажано дека утрово ќе биде објавен, но сепак го коментираше претходниот француски предлог, иако, како што кажа, во основа останува ист. Според Георгиевски, во тој предлог имало и позитивни работи и не требало целосно да се отфрла.

-Она што е важно е тоа дека во францускиот предлог македонскиот јазик е дефинитивно без проблем ставен во понатамошниот тек во односите со ЕУ. Она што е уште поважно, а на што многу малку се става акцент во Македонија, дека со прифаќањето на францускиот предлог во бугарскиот Парламент, факт е дека тие се откажаа од претпоследиот или последниот нивен став што беше донесен пред ветото за влезот на Македонија во ЕУ. Се сеќавате имаше два става кои беа неприфатливи дека македонскиот јазик до 1945 година бил бугарски и дека македонскиот народ до 1945 година бил бугарски и она што беше уште потешко за нас, тоа требаше според таа нивна позиција да го прифати Македонија. Тоа сега го нема и затоа сметам дека не треба да ги цениме само негативните елементи што мислиме дека се негативни во францускиот предлог, туку дека треба да цениме она што е позитивно,  рече Георгиевски.

ВМРО-НП, рече тој, беше една од ретките партии кои рекоа дека во францускиот предлог има многу позитивни работи и оти не треба да се отфрла во глобала.

– Она на што треба да се стави акцент е дека двете страни не се задоволни до крај, меѓутоа тоа е суштината на секој предлог. Тоа беше суштината и на Преспанскиот договор, кога двете страни колку и да споделуваат оценки дека се задоволни од предлогот во суштина остануваат не докрај сите нивни нереализирани моменти, посочи Георгиевски.

Претседател на Демократската партија на Турците Бејџан Иљаз изјави дека се повикани од страна на премиерот на брифинг на којшто ќе бидат информирани во врска со последниот предлог.  

-Првично, уште немаме информации точни. Денеска да ги земеме тие информации, да ги споделиме нашите мислења па после состанокот сите коалициони партнери ќе го дадеме нашето мислење во врска со новиот предлог, рече Иљаз. 

Мирослав Јовановиќ од Српска странка исто така рече дека предлогот не го прочитале и дека откако ќе се случи тоа ќе дадат и свои одговори.

-Претходниот текст не беше прифатлив за никого. Очекувам да има некои посуштински измени и да се вклопат во нашата Резолуција што е изгласана во Собрание и нормално Договорот за добрососедство со Република Бугарија, рече Јовановиќ. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk