logo
logo
logo

Толковниот речник на македонскиот јазик достапен и во електронска верзија

Vecer | 05.05.2021

Толковниот речник на македонскиот јазик  достапен и во електронска верзија


Премиерот Зоран Заев денеска ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ со над 100 илјади зборови.

Според него, makedonski.gov.mk е веб – платформа за негување на македонскиот јазик, која Владата како што рече ја промовира точно на денот на македонскиот јазик, во рамките на Програмата за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

„На веб платформата на која е поставен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ со над 100 илјади зборови, наскоро ќе биде поставен со истите можности на интерактивност и „Правописот на македонскиот јазик“, со што го подигаме степенот на дигитализација на правописот на начин каков што беше предвидено уште во првичната идеја. Дигиталниот толковен речник на македонскиот јазик им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, граѓаните на Северна Македонија, нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет“, рече премиерот.

Ова, како што истакна премиерот, ќе овозможи да си го негуваме јазикот, но и да го проучуваме подобро и побрзо од било кога.

Според него, во наредната фаза планирана е и надоградба на веб-платформата со можност за автоматизирано поврзување на сите кои сакаат да го користат толковниот речник за развивање на свои софтвери и апликации. Со други зборови, како што информираше, Владата ќе го стави дигиталниот материјал и кодот на толковниот речник на располагање на истражувачите, компаниите и програмерите кои развиваат софтвери, за да можат да креираат корисни апликации кои ќе ја олеснат употребата на македонскиот јазик, ќе ја направат истата поинтересна и ќе придонесат во развојот на јазикот.

„Огромно е значењето на Толковниот речник за македонскиот народ. Тој претставува историско научно остварување со кој се потврдува дека Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и многу богато лексичко наследство, кое не може да се оспори“, истакна Заев.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk