МИТРОПОЛИТОТ НА ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА ТИМОТЕЈ ОСТАНА БЕЗ РЕЗИДЕНЦИЈА

Тимотеј: Што ќе правам со старото Светиклиментово училиште е моја работа

Денационализацијата му го врати старото Светиклиментово училиште на МПЦ, но го остави владиката Тимотеј без резиденцијата во која живееше, вилата "Лепа" на Плаошник. Неофицијално, сега г. Тимотеј ќе се всели токму во старото Светиклиментово училиште

Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро нема да се исели од старото Светиклиментово училиште во Охрид иако вчера истече рокот. Со денационализацијата оваа зграда сега е во владение на Македонската православна црква но инспекторатот кој работи во рамките на Министерството за животна средина нема нови простории и останува тука се додека не бидат обезбедени просторни услови.
-Оној момент штом помине на Влада, штом се доделат нови простории ќе го извршиме иселувањето. Дотогаш треба да се стрпиме и ние и претставниците на епархијата, вели Дејан Паноски, раководител на Секретаријатот. Паноски разбирање ќе бара од владиката Тимотеј. Ќе побарал трпение да се завршела процедурата за доделување нови простории.
Денационализацијата му го врати старото Светиклиментово училиште на МПЦ но го остави владиката Тимотеј без резиденцијата во која живееше, вилата "Лепа" на Плаошник.
Неофицијално, сега г. Тимотеј ќе се всели токму во старото Светиклиментово училиште кое се наоѓа во комплексот на црквата "Св. Богородица Перивлепта".

Како што дознаваме во дописот на Дебарско-кичевската епархија која побара иселување на Секретаријатот стоело дека во оваа зграда со околу 1000 метри квадратни ќе се формирал епархиски центар.

Но дали ќе има трпение да ги чека државните служби да му го ослободат просторот владиката Тимотеј денеска не беше расположен да каже. Не одговори ниту какви се плановите со зградата која е веќе во нивно владение. Наместо изјава добивме укор - да не се пазариме со него.
-Тоа што нема да се иселат е нивен проблем а не наш, но преку новинари не сакам да се пазарам. Ако тие имаат нешто, имаат со тој што им пратил писмо, а не со вас. Плановите за таму се мои, а не се за вас и еве во овој момент не може ништо да ви кажам. Ништо повеќе, ниту сега ниту покасно, дрско одговори владиката во телефонскиот разговор.

И додека од билатералниот секретаријат чекаат Владата да им обезбеди простор, за нив најголема главоболка е донацијата од 70 000 долари пари од Светската банка со кои во 2004 година ова старо училиште се спаси од пропаст.
-Треба да видиме каков третман ќе добијат самите средства, да се утврди дека парите се дадени од меѓународен донатор преку тогашниот проект за заштита на Охридското Езеро со што е заштитена една културна реткост во Охрид. Треба да се најде модул каква ќе биде благодарноста околу тоа, вели Паноски.

Сузана Вренцовска

Поврзани

Најнови вести

Коментари