Граѓаните на Македонија кои на крајот од март бесплатно се вакцинираа во Србија со вакцините на Астразенека по мејл ќе добијат известување кога точно да дојдат за втората доза и тоа на истиот пункт каде што ја примиле првата доза, вели во изјава за МКД.мк портпаролката на српската Е-управа Марија Никшиќ. Таа вели дека не се размислува за варијантата овие втори дози да ѝ бидат донирани на Македонија.

Во трите дена на бесплатна вакцинација за странски државјани што беше овозможена во Србија на крајот на минатиот месец во деновите четврток, сабота и недела, беа вакцинирани вкупно 22.610 лица кои допатуваа во Белград или Ниш, изјави за МКД.мк Марија Никшиќ, портпаролка на Е-управа на српската Влада.

Таа рече дека податоците не се сумирани за да можела да каже точно колку државјани на Македонија во тие три дена се имунизирани со првата доза на Астразенека, но рече дека најголемиот број од странските државјани беа од Босна и Херцеговина и од Македонија.