Тетовската полиција најави кривични пријави против навивачите на тетовскиот фудбалски клуб „Шкендија“, познати како „балисти“ кои денеска влегоа на трибините на стадионот во Тетово додека беше во тек натпреварот меѓу „Шкендија“ и „Шкупи“, и покрај забраната за присуство на навивачи поради пандемијата.

„Навивачите ги прекршија мерките кои се пропишани за спречување на ширење на Ковид-19“, соопштија од тетовската полиција.

Инцидентот фрли дамка на последното коло во првата македонска фудбалска лига, откако „балистите“ и покрај забраната за присуство на навивачи, тргнаа да ја прослават новата титула.

Мечот беше прекинат на 15 минути пред крајот затоа што гостинските фудбалери се повлекоа во соблекувалните.

Како што информираат од полицијата, по преземените мерки, се обезбедиле услови за регуларна завршница на мечот. Трибините биле испразнети, а натпреварот заврши со резултат 1-1.

Против прекршителите ќе бидат изготвени поднесоци, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

makfax.com.mk