Продолжениот празничен викенд дел од жителите на Тетово го поминаа повторно без вода за пиење, а денеска се соочија со купиштата смет околу испразнетите контејнери. Без нормално водоснабдување останаа жителите на стариот дел од градот, населбите Колтук, Два бреста, Певчина и Поток.

-Што се случува со водоснабдувањето во стариот дел од градот, цел ден сме без вода. Зарем не срамота во време на пандемија, да сме без вода, дали повторно ќе не лажат дека изворите смрзнале бидејќи има паднато нов снег. Речиси 48 часа нема грам вода, пишуваат тетовци на социјалните мрежи.

Од Јавното комунално претријатие „Тетово“ информираат дека се работи на детекција и санирање на дефектот поради кое е дојдено до отежнато водоснабдување.

-Поради дефект Ф-200 во водоводната мрежа што снабдува со вода ул.Гоце Делчев ќе има прекин на водоснабдување до завршување –поправка на дефектот, потенцираат од ЈКП Тетово

За несобраните купишта смет околу контејнерите, од таму со објаснување дека се должи на зголеменото исфрлување на смет од домаќинствата.

-Во текот на продолжениот викенд се прави пролетно генерално чистење. Така се прави три пати повеќе ѓубре од тоа што може да го соберат контејнерите. Се работи на расчистување. Тоа е поради несовеста на граѓаните. Ние работиме со полн капацитет. Се собира од контејнери, а за сметот од страна е потребно повеќе време бидејќи треба да се собереме рачно – а има и кревети, палети и слично, изјави в.д помошник директор Александра Савеска Петровска во ЈКП Тетово.