logo
logo
logo

„Тефтерчето“ беше преувеличено - гледаме какви скандалозни избори или неизбори има на судии

Vecer | 01.04.2023

„Тефтерчето“ беше преувеличено - гледаме какви скандалозни избори или неизбори има на судии

Гордана Јанкулоска има чувство на каење што не си заминала порано од политиката, бидејќи тој труд и време што го одвојувала за министерството со кое раководела и со ангажманот во партијата, можела да го канализира во други работи со кои денеска би имала полагоден, поубав и комфорен живот, рече во вчерашното интервју за „360 степени“ нејзиниот сопруг и адвокат Влатко Илиевски, одговарајќи на прашањето дали ексминистерката за внатрешни работи чувствува каење за тоа што била дел од систем што ЕУ го нарече „заробена држава“ и што до крај му остана верна соработничка на Никола Груевски.

Илиевски вели дека од денешна гледна точка може многу полесно да се оцени каква била ситуацијата тогаш, но додава дека кога сте „во машината“, со огромни проблеми на дневна основа, човек не може да ја согледа целата слика и да се повлече од политиката кога е неопходен таков чекор.

-Ако сме реални и искрени, од тие разговори што беа пуштени во јавноста на фамозните прес-конференции на Заев, може да се каже дека единствено Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се гласот на разумот, рече Илиевски.

На новинарска констатација дека дилемата зошто останала до крај во тој систем е токму поради очигледната свесност оти нешто не било во ред, Илиевски вели дека Јанкулоска не требало да остане дел од системот, но повтори дека од секојдневните проблеми со кои таа се соочувала и жестокиот ритам на работа, не можела да ги согледа работите од поинаква перспектива.

Кога станува збор за „тефтерчето“ на Јанкулоска од кое, според телефонските разговори, се бирале судии во тоа време, Илиевски вели дека таа во ниту една пригода не одлучувала кој судија да влезе или да биде разрешен и дека на тоа „тефтерче“ му се дало премногу внимание и било предимензионирано во јавноста.

-Проблем е што сега тоа „тефтерче“ се институционализираше преку Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители и гледаме какви скандалозни избори или неизбори има на судии. Еве, вчера, поради партиски недоразбирања не беше избран ниту еден судија за кривичниот оддел во Врховниот суд. Сведоци сме какви кандидати влегоа и станаа судии и обвинители од Академијата и мислам дека ситуацијата во општеството е влошена, а за тоа зборуваат бројките за доверба во судството, рече Илиевски.

Фото: Принтскрин

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk