Татко моли за помош да не го одделуваат од болната ќерка која е на лекување во Турција

Велешанец моли за помош да не го одделуваат од болната ќерка која е на лекување во Турција, откако тамошните власти попладнево сакаат да го депортираат во Македонија. Александар Здравевски, чија едногодишна ќерка под итно мораше да се лекува во болница во Истанбул денеска на социјалните мрежи сподели апел за помош, барајќи македонските институции да му помогнат за да остане во Турција. Тој во моментов се наоѓа на аеродромот во Истанбул, заедно со емигранти од повеќе земји, и таму ќе остане се до утре во 16 часот кога има лет за Македонија. Неговата сопруга и ќерката успеале да обезбедат документи за да останат во Истанбул, но Здравевски, поради тоа шт не успеал навреме да го пријави престојот во општината ќе мора да ја напушти земјата.

Неговите пријатели и познаници на социјалната мрежа Фејсбук му нудат помош на таткото, кој е очаен поради одлуката за депортација. „Колку неморал и нечовечност треба да има човек за да депортираат родител кој оди во болница за да си го спаси сопственото дете“, напиша Здравевски на Фејсбук.

Сите му нудат помош на семејството, а оние кои што зборуваат турски јазик, се нудат да се јават во конзулатот во Истанбул за да се разреши случајот.

За немилата случка со семејството Здравевски се запознати и во македонското Министерство за надворешни работи. Оттаму велат дека е воспоставен контакт меѓу конзулатот и таткото и се оечкуваат подетални информации зошто тој е задржан на аеродромот за да биде депортиран во земјава.

Д.Т.

 

 

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари