Скандалот Мафија многу говори за тоа каква држава е Македонија, укажувајќи дека службениците кои сликале и изготвувале пасоши не можеле сами да го прават тоа, барајќи да се испита која е позадината, вели  Слаѓана Тасева, претседателката на здружението Транспаренси Интерншнл за Неделен брифинг на порталот Инфомакс.

Според неа многу лошо зборува тоа за нас како држава, дека ние сме се поставиле како штитници за високиот организиран криминал со тоа што сме им овозможиле на тие безбедно да се движат и да делуваат насекаде каде што се одвиваат нивните криминални активности.

– Не смееме да го сведеме на тие седум извршители кои што сликаат и изготвуваат пасоши, затоа што не можело тие сами тоа да го прават. Значи системот точно ќе ти покаже тој пасош, но зошто го изготвил и што било во позадина тоа е работа која што треба да ја истражи независна меѓународна комисија – вели Тасева.

Тасева додава дека таа лично не е задоволна од реформите во правосудството до степен да каже дека воопшто нема реформи.

– Сметам дека степенот на кој што сега некој тврди според мене не е доволен дури ни до нивото да кажам дека нема реформа. Иако во некои извештаи ќе прочитаме постои спроведена е одреден реформа во судството, во делот на законот за Судскиот совет, како почна судскиот совет да функционира но таму треба навистина добро прочистување – вели Тасева.