logo
logo
logo

Талат Џафери: АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ЌЕ ПОЧЕКА

Vecer | 30.05.2023

Талат Џафери: АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ЌЕ ПОЧЕКА

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на брифинг со новинари истакна дека целосно ја отфрла можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот.

Според Џафери, ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на алиби политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија.

Тој ја отфрли и можноста за покренување уште една паралелна иницијатива за уставни измени околу ваквите барања, нагласувајќи дека има пропишан рок колку време, т.е. години треба да поминат за да се покрене одново процес за уставни измени.

Промена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ е невозможно да биде во пакет со иницијативата за отворање на Уставот за впишување на Бугарите и други заедници во Преамбулата, дециден е претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој во брифинг со новинарите ја расчисти дилемата дека ако пратениците обезбедат двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, во натамошната собраниска процедура можни се само амандмани за тоа кои и колку народи може да бидат дел од Преамбулата. Менување на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ ќе треба да почека некоја наредна иницијатива за отворање на Уставот.

Собранискиот спикер Талат Џафери е целосно во право и воопшто не згреши што денеска го прогласи крајот на желбите за вметнување на албанскиот јазик во Уставот и отстранување на квотата „20 отсто“, коментира за Плусинфо поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

– Доколку предлагачот, односно Владата, во предлогот за пристапување на измена на Уставот, којшто мора да ги каже насоките и да образложи зошто бара поддршка за измена на Уставот, не вметне дека бара поддршка и за измена на амандманот 5 со којшто е изменет членот 7 од Уставот којшто ја разработува употребата на јазикот, тогаш, при евентуално поминување на тој предлог, нема да може во втората или во третата фаза да се интервенира врз тие членови на Уставот. Затоа, целосно се согласувам со актуелниот спикер – ни изјави Вељаноски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk