Таки Фити: Договорот од Преспа е единствена алтернатива за Македонија

Имплементирањето на Договорот од Преспа ја обезбедува единствената алтернатива за Македонија, односно напредувањето во евроатлантските процеси, рече академикот Таки Фити на третата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставни измени која се одржа денеска во амфитеатарот на МАНУ.

Тој додаде дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања, осврнувајќи се на потребата експертите да се изјаснат за да се изнајде решение за имињата на некои од институциите, откако ќе бидат усвоени уставните измени. Тој рече дека и во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но оцени дека и тоа е легитимно, доколку за забелешките се понуди алтернативно решение.

Академик Владо Камбовски во обраќањето рече дека Договорот од Преспа е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права, додавајќи дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на елементите кои се содржани.

Камбовски се задржа и на, како што рече неколку императивни елементи, набројувајќи ја промената на официјалното име, решение кое го оцени како компромис кој ги балансира интересите на двете држави, а притоа не го оспорува националниот идентитет. Тука Камбовски подвлече дека во историјата, Македонија била и Демократска, Народна, Социјалистичка.

Потоа, академикот во врска со формулацијата за државјанство, ја оцени одредницата „граѓани на Република Северна Македонија“ како исправна формулација за уредување на статусот на граѓаните и особено дефинирањето на македонскиот јазик како официјален јазик.

Професорот Светомир Шкариќ во своето излагање се задржа на предлогот, Договорот од Преспа да се смести во посебен амандман и да биде дел од уставниот поредок на Република Македонија, со што би се обезбедиле импликации врз уставните норми и правниот систем. Дел од сугестиите на Професорот се однесуваа на амандманот 34, предлагајќи одлуките на АСНОМ да останат такви какви што се и да се додадат зборовите „забележани или запишани во Прогласот“.

Според Шкариќ, уставните измени се многу полесни од тоа што изгледа и додаде дека тежината е поврзана со политичкиот процес, договорот на двете Влади.

Дебатите за уставните измени, организирани од Владата како овластен предлагач на истите, продолжуваат во понеделник во Штип и Тетово.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари