Сведоштво на посетител на Вардариште: Вакво какво што е итно да се затвори!

Здружение за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“ пренесува сведоштво на еден посетител на Вардариште и серија фотографии објавени на Фејсбук, со кои се повикуваат граѓаните да вдомат милениче и да го спасат од агонијата со која секојдневно се соочуваат изгладнетите и болни кучиња.

,,Вардариште 8 септември 2018 ( 21 век). Наближуваш и слушаш пискотници. Гледаш огромна депонија и кутренца си роварат низ неа гладни, болни. Колку да се припремаш за внатре. Влегуваш ( ако те пуштат!). Неизбежен контакт со вработените. Прво одиш на распит зошто си дошол. Имаш впечаток дека се со посебни потреби. Прости ми Боже.

Внатре?! Секој бокс со куче или мајка со мали. Шарковци, хаски, ретривери… Сите биле мали и слатки некогаш. Некои биле поклон за роденден, Божиќ, други па за децата да си играат. Завршила таа епизода, не им е тој филмот веќе, ајт на улица. И еден куп други недефинирани раси, од сите бои и големини али сите носат душа. Само не ситна колку вашата! Да се разбереме!

Некои рипаат параноично, се бесат на кафезите, цвичат, лаат, некои бесно гневно лаење, други плачат, трето од таму завива. Цел еден оркестар од убитачно болни крици. Ги укопале ноктите меѓу решетките, да можат ќе ги откорнат вратичките. И со поглед те пратат дур ги одминуваш покрај кафезите. А шинтерот ти дише у врат да се фокусираш на тоа што го бараш и да фаќаш магла.

Смрди на мочки и гомна, ги слушаш мувите и ги гледаш како се навртеле на изметот расфрлан насекаде низ кафезите. Мокро внатре, ѕидовите жолти испосрани. Лежат на ладно и мокро.

Ај овие цвичат ама има такви што не се борат повеќе. Се откажале, им згаснала и последната надеж или па немаат веќе сила! Дремат во агонија, се потпреле со главата на ѕидот и залутале со погледот…

Ти од слобода на улица да ги ставиш во рамки, во тие мочани кафези е убиство на душата. Прво твојата ја убиваш па нивната. И да се нема ни малку осет за нивното страдање. Ладни, сеедно им е, ни слушаат ни гледаат. Според мене се емотивно хендикепирани 100 посто и немаат контакт со реалноста. Е такви луѓе работат и управуваат со стационарот.
Напикани мајки со мали. Едно малечко ја стиснало со двете рачиња решетката а не е свесно дека никогаш од таму нема да излезе.

Ако вас ви паѓа тешко ова што го читате, мене ми се лоши и ми се враќа сликата и мирисот на фекалиите го осеќам. Тогаш како им е на нив внатре во кафезите. Јас си отидов они останаа. И се уште секој миг ја живеат таа реалност. Луѓе тие животни таму се осудени на смрт. Не знам дали сте свесни за тоа??? Зошто не одете да вдомите некое? Особено тие што се спремни да платат за миленик! Алоо какви пари бре? Може ли ова со пари да се плати? Знаете ли која е цената животните што ја плаќаат лутајќи по цели денови гладни и болни по улиците, зима и лето?

Од сето ова ќе се понуди ли некој за дом за некое од сликите и видеата, да одам да го извадам од таму? За едно веќе имам привремен дом. Разгледајте ги убаво сликите, знам дека се многу ама вреди. Одберете си, има прекрасни кутриња”, се веи во сведоштвото објавено на социјалната мрежа Фејсбук.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари