"Св. Илија" во Битуше Е, ама и НЕ Е црква

Поубава локација за црквичката "Св. Илија" во питорескното село Битуше, во чија панорамска слика најмаркантна точка е еден од најубавите македонски манастири - "Св. Јован Бигорски", чиниш како да не можело и да се најде. Битушани, дел тамошни, дел "раселени", решија, собраа пари и ја изградија црквичката. Уште пред неколку години. Ама, до денешен ден, не ја осветија! Проблемот е што во неа, токму пред олтарот, го вградија култното место изѕидано во камен, кадешто, од дамнина, на св. Илија му палеле свеќи. Разбирливо, надлежниот архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, одби да ја освети црквата се додека не се урне тоа обредно место, поради кое, и од практични причини, не може да се врши богослужба. Битушани, пак, врзани за традицијата, се плашат да го сторат тоа, иако, теоретски, се обидуваат да сфатат дека ништо лошо не би требало да ги снајде, зашто на светецот, де факто, му изградија вистински, многу убав храм. Еднаш едни се осмелија да го урнат, но, преку ноќ, други ги вратија камењата на старото место. И така, во "борбата" на верата со традицијата, црквата си остана неосветена и без благодатта Божја, без која црквата не може да биде црква. Како што стојат работите, изгледа решението е во рацете на св. Илија...

Поврзани

Најнови вести

Коментари