logo
logo
logo

Струшките директори против новиот образовен концепт: НАСТАВАТА БЕЗ КНИГИ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ!

Vecer | 21.04.2021

Струшките директори против новиот образовен концепт: НАСТАВАТА БЕЗ КНИГИ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ!

Директорите на основните училишта во Општина Струга сметаат дека новиот концепт на Министерството за образование и наука за дигитализација на учебниците ќе предизвика многу проблеми и потешкотии. Тоа беше заклучокот на денешниот состанок со градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко за нацрт-законот за основно образование во Република Северна Македонија.

– Сите раководители на училиштата едногласно се согласија дека спроведувањето на новите наставни програми ќе има многу потешкотии, како за одделенската настава така и за предметната. Посебен акцент беше даден на темите како што се: електронски книги, елиминирање на традиционалниот дневник во електронски, електронска настава преку таблети и паметни (Smart) табли…, истакна Мерко.

Директорката на Основното училиште „Браќа Миладиновци“ Лаура Шате посочи дека во нејзиното училиште каде настава следат околу 1.300 ученици на македонски, албански и турски јазик дигиталниот начин на следење настава ќе претставува голем проблем. Забележа дека последните години се зголемува бројот на деца со оштетен вид и сколиоза, токму поради времето што децата го минуваат на комјутери и телефони.

– Следењето на наставата без книги ќе биде голем проблем. Родителите ги бојкотираат ваквите дигитални начини. Децата се осакатија цел ден се пред лаптоп, повеќето се со сколиоза, а речиси сите имаат проблеми со очите, вели Шате.

Според неа, околу 40 отсто од родителите имаат проблем со технологијата или се со социјални проблеми и немаат можност да купат комјутери за секое дете, а училиштето не е во можност да обезбеди. Секако, додаде, проблем претставува и интернетот посебно во руралноте средини. Како пример го посочи бојкотот на наставата од родителите во селото Калишта на почетокот на учебната година за нивните деца да следат настава со физичко присуство и за децата од четврто и петто оделение.

– Ниту училиштата не се спремни. Во ОУ „Браќа Миладиновци“ има само една смарт табла, која е добиена преку проект. Предност за ова училиште е што е тријазично и полесно добиваме проекти, но што е со останатите. Ова се само дел од очекуваните проблеми со кои ќе се соочиме доколку се дигитализира образовниот процес, истакна Шате.

Истите забелешки ги делат и раководителите на останатите основни училишта во Струга, кои, меѓу другото забележаа дека дел од родителите кои имаат повеќе деца не се во можност да обезбедат компјутер за секое дете, ниту пак топла просторија каде би следело настава. За училиштата во руралните средини, посебно за оние во планинските села, проблем ќе биде и интернет конекцијата, која е многу лоша.

Заклучоците од средбата, Општина Струга најави дека градоначалникот Мерко ќе ги достави утре на средба со министерката за образование и наука Мила Царовска.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk