logo
logo
logo

Стручната комисија не најде неправилности во третманот на Веапоска, згрешен бил само полот на бебето

Vecer | 27.05.2021

Стручната комисија не најде неправилности во третманот на Веапоска, згрешен бил само полот на бебето


Комисијата не констатирала недостатоци, неправилности или пропусти во здравствената установа во Струга, во случајот со родилката Јилдиз Веапоска, која тврдеше дека останала без три здрави органи – матка, бубрег и јајник откако отишла да се породи со царски рез во струшката болница.

Комисијата беше формирана по налог на министерот за здравство Венко Филипче во март годинава, беше составена од седум членови и имаше задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница во Струга, а во врска со општата состојба и лекарскиот третман на пациентката.

Единствениот пропуст што го нашла комисијата, било дека постои несовпаѓање во напишаните податоци за полот на новороденчето, односно таа родила женско дете, а било напишано дека е машко.

Во извештајот на комисијата стои дека на 27 август минатата година таа се јавила во ЈЗУ ОБ Струга на Одделението за гинекологија и акушерство каде и е извршен прием заради завршување на бременоста.

„Кај пациентката е направен царски рез и е добиен жив женски плод. Пациентката, ноќта се жали на болки во стомакот, повикан е анестезиолог, направена е крвна слика и дадена ѝ е терапија. Во постоперативниот тек пацинетката е следена интезивно од страна на медицински тим гинеколози и анестезиолози во струшката болница. На првиот постоперативен ден (28.08.2020) состојбата на пациентката е стабилна, но од крвните анализи се воочува редукција на крвната слика, а целиот лекарски тим постапува по сите протоколи и доктрини, дадена е терапија, но анализите покажуваат пад на хемоглобин. Вториот постоперативен ден пациентката е стабилна со уредни параметри, таа била активна и подвижна, на пациентката ѝ е направена контролна крвна слика. Третиот постоперативен ден на утринската визита пациентката е исто така во стабилна општа состојба со уредни витални параметри, уредна температура, контролната крвна слика покажува пад на хемоглобин и на еритроцити“, стои во извештајот.

Според комисијата, четвртиот ден, пред да биде испишана од болница, состојбата ѝ се влошила и таа добила тахикардија, хипотонија и клиничка слика која укажувала на хеморагичен шок односно состојба со многу низок хемоглобин, што било индикација за итна интервенција. Откако се интервенирало, увидено било дека таа има крварење во дел од стомакот каде се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите.

„За да се спречи крварењето, се пристапува кон вадење на матката и левиот јајник. Крварењето не запира, повикан е конзилијарен хирург и е утврдено дека лево ретроперитонеално има хематом што довело до сомнение за крварење во пределот на бубрегот. За да се спречи крварењето е пристапено кон отстранување на левиот бубрег, како би се спасил животот на пациентката. Сериозноста на состојбата се гледа и по анестезиолошките листи на дадена терапија (10 единици крв и 9 свежи смрзнати плазми). Пациентката била во животозагрозувачка состојба поради обилното крвавење, а лекарите успеале да ја одржат во живот. Комисијата заклучи дека вакви компликации при гинеколошко акушерски операции се ретки, но сепак се случуваат“, стои во извештајот.

За ова, според комисијата, лекарите од струшката болница ги консултирале колегите анестезиолози од КАРИЛ и одлучено е пациентката да биде транспортирана во Скопје.

„По префрлање на пациентката во КАРИЛ направена е КТ на абдомен и е поставена индикација за итна ре-реинтервенција од страна на уролозите од Клиника за Урологија, по што состојбата на пациентката се стабилизира и таа е испишана во добра општа состојба“, пишува во извештајот.

Во март годинава, за случајот беше разрешен директорот на струшката болница, доктор Мухамед Асани, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат кај него дома во засебен инспекциски надзор најде дива ординација. По ова, за работата на докторот Асани се отвори постапка и во обвинителството во Струга.

Лекарската комора првично не најде пропусти во третманот на родилката Веапоска, по што министерот Филипче формираше нова комисија составена од професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од Министерството за здравство и од ДСЗИ, која денеска го поднела извештајот до Министерството за здравство.

„Сфатив дека нешто се случува со мене по 12 часа по операцијата кога имав големи болки, подуен стомак и докторите ми кажаа дека тоа е нормално зошто ми била втора бременост и така бев оставена 5 дена во болки и ниту еден доктор не ми направи ехо. Сакаа да ме испратам дома. Во отпусното писмо никој не пишал дека ми се извадени три здрави органи, тоа го дознав дури откако бев однесена на КАРИЛ“, изјавуваше Веапоска во март годинава, барајќи одговорност за случајот.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk