ДЕЛЧЕВО

Стотици верници ја посетија црквата Свети Димитрија

Црквата во изградба во делчевското село Габрово, посветена на Свети Димитрија, по повод верскиот празник Митровден, собра стотици верници на голем црковно-народен собор во ова делчевско село, каде Што доаѓаат верници од сите краеви на Делчево

Архитектот во пензија Ѓорѓи Јанковски, кој потекнува од Габрово и кој во 2005 година ја проектирал црквата и ги обезбедил сите потребни документи за нејзина изградба, изјави дека црквата во селото се гради 11 години со помош на донации од верници, а најголеми донатори се иселениците во Швајцарија.

- Ова е прва црква во селото кое некогаш било населено со турско население. Ние ја градиме црквата 11 години и сме пресреќни што црквата е при крај со изградбата. Деновиве ќе завршиме со фасадата, по што планираме да ја обелиме и внатре. Ни останува напролет да ја доизградиме камбанаријата и партерно да го доуредиме дворот, па се надеваме дека ќе собереме средства и за иконостасот, рече Јанковски.

Тој истакна дека досега иселениците од Габрово во Швајцарија донирале околу 10 илјади евра.
- Само оваа година нашите луѓе кои се на работа во Швајцарија донираа 6.000 евра. Тие се договорија секоја година на 31 јули да организираат иселенички средби, каде ќе се собираат донации за доизградба на црквата. Оваа црква е наша гордост, иако оди бавно изградбата, сепак, ние сите средства кои се собираат од нас од селото и од сите верници, ги наменуваме за потребите на црквата, посочи Јанковски.

По повод празникот Митровден, Црковниот одбор организираше и ручек за верниците што се подготвува од 16 овци, а верниците доаѓаат со погачи за здравје.

- Нашиот народ од тој аспект ја сочувал верата и големата љубов на ова село и желбата да се изгради храм кој ќе биде достапен на овој народ. Ние правиме напори што побрзо да го изградиме и да црквуваме во него. Св. Димитрија е еден од поголемите поборници и маченици за верата Христова, рече Темелков.

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и денешниот празник Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец.

Поврзани

Најнови вести

Коментари