ВЕЧЕР ВО СКОПСКОТО СЕЛО ЧУЧЕР, ВО ПОТРАГА ПО НЕСЕКОЈДНЕВНА ПРИКАЗНА

Стојко - единствениот Македонец кој го преживеа Титаник!

Како 16-годишно момче Стојко се качил на бродот Титаник и отпловил. Билетот го купил во последен момент од еден поп кој бил спречен да отпатува па картата му ја препродал на Стојко

Стојко Додолоски или Стојко Каевиќ, како што го викаат мештаните од неговото родно село Чучер на падините на Скопска Црна Гора, е единствениот Македонец од преживеаните од бродоломот на Титаник. Неговата приказна е поврзана со сонот на многу млади луѓе во тоа време, кои бегајќи од теророт на Турците и Арнаутите тргнале да бараат подобра иднина во "ветената" земја - Америка. Со нешто заработени пари, 16-годишниот Стојко дошол во Саутхемптон, од каде бродот Титаник отпловил. Во последен момент купил билет од некој поп, кој поради одредени причини бил спречен да појде, па му го препродал на нашиот Стојко. Не знаејќи дека судбината на Титаник ќе биде трагична, тој среќен и надежен се качил на бродот. Ноќта спроти 15 април 1912 година, Титаник се удира во санта мраз и од вкупно 2223 луѓе само 706 се спасиле, меѓу кои бил и Македонецот Стојко. Иако за неговото преживување постојат неколку приказни, сепак она што е сигурно е дека Каевиќ кобната ноќ успеал да дофати еден појас и притоа да се задржи на него. Гонет од единственото чувство за живот, рипнал од 15-метарската височина и паднал во близина на еден од чамците кој бил полн со богати господа, кои не сакале да го спасат. Држејќи се за чамецот и молејќи за милост, се нашол среде леден океан во темница. И додека бројот на давеници драстично се зголемувал, Стојко успеал да се закачи за еден превртен чамец каде го нашол офицерот Лоу - единствениот од таа ноќ вреден за почит кој со чамец ги собирал преживеаните подоцна. Еден од 12-темина спасени од Лоу бил и селанец од скопското село Чучер-Сандево. Ваквиот податок кој ретко кој го знае, го прави Стојко единствениот Македонец кој успеал да ја преживее оваа најголема бродска несреќа. Но каква била животната приказна на овој човек? Дали по несреќата се вратил во родното место или пак останал во ветената земја? Која е вистината за неговото преживување се прашањата на кои ВЕЧЕР вчера бараше одговор во неговото родно село.

СРЕДБА СО ВНУКОТ НА СТОЈКО
А во него, немаше кој не слушнал за семејството Каевиќ и славниот Стојко. Дел од нив велеа дека тој не се вратил од Америка, дел од нив пак, тврдеа дека бил закопан во близина на селото, а некои пак, го опишуваа само како "дебелиот селанец". По неколкучасовно талкање од врата на врата и потрага по неговото поколение, среќата ни се насмевна. Движејќи се по главната улица во селото, во близина на игралиштето со насмевка на лицето, задишан и со кеси во рацете ни се доближи 60-годишен човек, тврдејќи ни дека Стојко бил негов прадедо. Ни рече, слушнав дека го барате дедо ми. Моето име е Живко Каевиќ и сум еден од малкуте Каевиќи останати во селото.
- Стојко ми беше прадедо и искрено многу малку се сеќавам на него. Која е точната приказна за него не знам, но знам дека бил спасен од офицерот Лоу, а и дека приказната за неговото преживување се сели од колено на колено. По приказната која ми ја раскажувал мојот татко е дека на 16 години тој заминал за Америка и случајно се качил на бродот Титаник. За жива среќа успеал да спаси глава. За жал, за време на војната, куќата во која живееше тој беше ограбена, па фотографии од него немаме. А нема ништо ниту од неговата куќа. Со тек на време, падна цела нејзина конструкција и од неа не остана ништо, ни рече внукот на Стојко, притоа додавајќи ни дека приказната за неговиот прадедо со гордост ја раскажува на неговите деца.

Три куќи подолу од куќата на Стојко, ја најдовме Трајанка, која ни ја раскажа приказната за нејзиниот некогашен сосед.
- Се сеќавам на Стојко. Јас сум родена многу покасно од него, но неговото и моето семејство живееја во една куќа. Во 1948 година тој од странство се врати во Чучер и се вработи во една фирма во населбата Ѓорче Петров. Се врати со надеж дека ќе си живее овде и дека ќе умре овде. Дури сакаше и да биде погребан во гробиштата во село Врвез. Но, неговата ќерка го повлече во Америка и почина во Чикаго. Стојко во неколку наврати ја раскажуваше приказната за Титаник, но секогаш го правеше тоа со смеа. Беше секогаш насмеан и луѓето го викаа Стојко дебелиот. Имаше околу 200 килограми, ни раскажуваше Трајанка, притоа додавајќи ни дека фотографии од него нема ни таа.

За неговата харизма и изглед говореше и најстарата жена во селото Звезда Звездановска, чија мајка била прва братучетка со Стојко. Пречекувајќи не со чашка домашна ракија, 92-годишната старица по 10-минутно присеќавање ни рече "Немаше панталони кои го збираа. Се врати овде околу 50-тата година и на сите им раскажа за Титаник. Стојко избега одовде како беќар. Но не беше сам. Заедно со Тодор Зазановски, Крсто Туксанов и Нико отидоа да бараат подобра иднина во Америка. Раскажуваше дека случајно ја купил картата од некој поп и заедно со Тодор се качиле на бродот. Тодор починал, а тој преживеал. Седеше во Чучер неколку години и потоа се врати во Америка. Што понатаму се случи со него, не знам", ни рече Звезда.

Сликата на Гоце Делчев ја премисли баба ми да се качи на Титаник
Слична судбина како Стојко имала и фамилијата Плавевски од Скопје. Петар Поп Арсов го испратил Лазар Плавевски во Америка. Тој таму останал да живее и отворил кафеана "Другарска цреша". Работејќи како кафеанџија, неговата цел била да обезбеди пари за комитите, како и за политичките затвореници во тоа време. По некоја година, Плавевски на својата сопруга Цена и праќа карта да дојде во Америка.
- Картата била за Титаник, со тоа што баба ми најпрвин требала да отиде до Англија од каде и бродот отпловил. Но, тоа не се случило. Пред да тргне, дедо ми Лазар ја замолил да донесе некои фотографии од Гоце Делчев, Петар Поп Арсов, Даме Груев кои сакал да ги стави во кафеаната. И така баба ми се вратила назад и не се качила на Титаник, ни раскажа скопјанецот Владимир Плавевски.

Ивана ТРАЈКОВСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари