logo
logo
logo

Стартува кампањата за локалните избори - ВМРО ДПМНЕ традиционално од Охрид, СДСМ од Битола

Vecer | 27.09.2021

Стартува кампањата за локалните избори - ВМРО ДПМНЕ традиционално од Охрид, СДСМ од Битола

Од денеска почнува изборната кампања за локалните избори што се закажани на 17 октомври. Кампањата за првиот круг ќе заврши на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Вкупно 1.824.864 граѓани ќе можат да гласаат.

Караванот „Најдоброто за мојата општина“ на владејачкиот СДСМ, од денеска ја почнува изборната кампања со централен настан кој е закажан во Битола во 20 часот. СДСМ своите активности ќе ги заврши на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово. Од партијата најавија дека со својата кадровска и програмска понуда, во овие денови ќе ја посетат секоја општина.

„Со реализираните проекти зад себе, со најдобрата понуда, со најголемиот коалициски капацитет, „Најдоброто за мојата општина е изразит фаворит, победник на овие локални избори, затоа што граѓаните ќе дадат поддршка за концептот што води напред и е гарант за да продолжи развојот на општините“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ кои на претстојните локални избори ќе настапат со слоганот „Создади нова иднина“, кампањата ќе ја почнат со митинг во Охрид, од античкиот театар во 18 часот. Во вторник ќе продолжат во Вевчани, Дебрца, Струга, Ресен. Изборната кампања за првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши во Штип, на 15 октомври.

Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), кампањата за претстојните локални избори ќе ја почне од Гостивар, а тоа е градот и каде ќе ја заврши.

„Го слушнавме гласот на граѓаните на Гостивар кои бараат промена во општинската администрација и ослободување од кучињата скитници, казината, чадот од Русино, густиот сообраќај, недостатокот на паркинзи и од неспособноста на Таравари“, истакнаа од ДУИ од кадешто повикаа на фер и демократска кампања.

Државната изборна комисија (ДИК), потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk