Пехчево

Старото училиште во Негрево прерасна во едукативен еко центар

До крајот на месецов ќе завршат градежните работи за реконструкција на старата училишна зграда во пехчевското село Негрево која треба да прерасне во едукативен центар за зачувување на природата во Брегалничкиот регион.

По надворешната реконструкција на зградата ќе се започне со внатрешно уредување и уредување на дворната површина со едукативни содржини, а основната цел на едукативниот центар е да придонесе кон зачувување на природата во Брегалничкиот регион, преку едукација и подигање на јавната свест, како и промоција на одржливото користење на природните ресурси.

Изборот на локацијата е направен врз основа на анализи, а се со цел да овозможи непосреден пристап на посетителите до природата и до област со специфични природни вредности.

- Во првата фаза која е во тек, објектот ќе биде во целост реконструиран и функционално прилагоден на потребите на центарот, со уредување на дел од дворното место околу објектот, со финансиска подршка од околу 150.000 швајцарски франци. Во втората фаза од проектот која треба да почне со реализација во текот на наредниот месец, со која ќе биде доуреден просторот околу едукативниот центар и истиот внатрешно ќе биде уреден и дизејниран за негово функционирање, од страна на донаторот, се одвоени повеќе од 50.000 швајцарски франци, информираше Елица Јовевска од општина Пехчево. 

Потенцираше дека со отворање на едукативниот центар, младите ќе имаат можност директно и практично да се запознаат со биодиверзитетот и природните богатства што ги има во Брегалничкиот регион и преку современ и иновативен пристап да научат повеќе за својата околина.

- За таа цел едукативниот центар за зачувување на природата ќе воспостави соработка со регионалните основни и средни училишта за користење на истиот како ресурс за еднодневна наставна екскурзија, како и со Универзитетот „Гоце Делчев" од Штип за користење на центарот за конференции, предавања и научни собири што се однесуваат на природата, нејзиното зачувување и подобрување на односот на човекот кон природата, рече Јовевска.

Покрај овие, во едукативниот центар планирано да се организираат и реализираат екоакции, одржување екоизложби, организирање едукативни посети и настави во природа на микролокации со специфична биолошка разновидност, формирана библиотека со едукативен материјал и др.

Реализацијата на проектот „Воспоставување едукативен центар за зачувување на природата во Брегалничкиот регион" во селото Негрево" е со поддршка од Програмата за зачувување на природата во Македонија, која е финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Поврзани

Најнови вести

Коментари