Домашната јавност се вознемири од веста за продажба на 14-годишно девојче регистриран деновиве, кој е со меѓународни размери, а е внесен и во билтените на Министерството за внатрешни работи. Имено, станува збор за трговија со дете, при што родителите му ја продале ќерка си на жител на Белгија.

– Белгискиот државјанин Л.Д.С., во временскиот период од февруари до мај 2022 година, со намера да овозможи вршење полови дејства со дете или други форми на сексуална експлоатација во Белгија, планирал и, со лицата Е.А. и Ф.Б. – родители на детето, договорил склучување присилен брак помеѓу него и нивната малолетна ќерка, односно дете со неполни 14 години.

Заради остварување на својата намера да го однесе детето во Белгија, Л.Д.С. во повеќе наврати престојувал на територија на Република Северна Македонија. За да се обезбедат лични документи за патување за детето, Л.Д.С. на родителите на детето им дал околу 2.500 евра и во неколку наврати, преку брз трансфер на пари, од Белгија на Е.А. му испраќал парични средства во различен износ.

Врз основа на издадени судски наредби од Основниот кривичен суд во Скопје, на 16.5.2022 е извршен претрес на домот и другите простории каде што привремено престојуваат Е.А. и Ф.Б. во Струга, од каде што е обезбеден доказен материјал за стореното кривично дело, додека на Меѓународен аеродром – Скопје е извршен претрес над лицето Л.Д.С., по што трите лица се лишени од слобода – информираа од МВР.

Против нив била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „трговија со дете“, предвидено и казниво по членот 418-г став 2 од КЗ.

Со тоа е спречен уште еден обид за трговија со деца во земјава, при што најчесто малолетнички се принудуваат на присилен брак. Да биде трагедијата поголема, искуствата и полициските извештаи укажуваат дека извесен број од нив подоцна под присила се користат за сексуална експлоатација, но и за други криминални активности.

Пари за невеста

Последниот случај за кој беше информирана домашната јавност, за жал, е само уште еден во низата во кој родителите го продале девојчето заради финансиска добивка.

За овие случаи јавноста најчесто дознава откако ќе заврши судскиот процес против родителите, при што во најголемиот број случаи нивното објаснување е дека на таков чекор се решиле поради беспарицата. Разбирливо, судот не го прифаќа таквото толкување или оправдување, туку драстично ги казнува и двете страни во процесот, а јавноста е редовно згрозена од чинот на отуѓување на сопственото дете за стекнување материјална корист.

Но, колку и да се згрозува или вознемирува јавноста кога ќе се дознае за некој ваков случај, треба да се каже дека станува збор за појава од пошироки размери, особено кај посиромашните и кај маргинализираните слоеви на општеството. Црните хроники во земјите во опкружувањето регистрираат вакви и слични случаи, а тие се присутни речиси насекаде, без исклучок. И она што е повпечатливо, речиси насекаде се работи за слично сценарио, каде што родители си ги продаваат децата на сексуални предатори за одреден паричен надомест.

Трговијата со деца често подразбира искористување на екстремната сиромаштија на родителите. Родителите може да ги продадат своите деца на трговците со луѓе за да ги исплатат долговите или да заработат, или може да бидат прелажани во врска со очекувањата за образование и подобра иднина на нивните деца.

Во студијата 07-08 на Министерството за правда на САД, повеќе од 30 проценти од вкупниот број случаи на трговија со луѓе за таа година биле за деца принудно вклучени во сексуалната индустрија.

Минатата година светската јавност беше вџашена кога беше обелоденет цел синџир на такви трансакции во Авганистан, земја што е длабоко погодена од војни и сиромаштија. Медиумите пишуваа за голем број семејства што за да преживеат ги продавале своите деца, најчесто на други семејства, кои женските деца ги бараат за склучување брак.

Објаснувањето беше дека со парите од продажбата, родителите ги прехрануваат другите деца, кои најчесто се помали од веќе продадените. Иако во оваа земја договорените бракови се еден вид традиција, а договорените бракови се реализираат по полнење 15 години на „невестата“, родителите, бидејќи не можат да ги прехранат, најчесто ги пуштаат во семејствата на сопругот и порано од договореното.

За состојбите кај нас на овој план меѓу другото се анализира и во Извештајот за трговијата со луѓе во 2021 година на Амбасадата на САД во Македонија, каде што меѓу другото се наведува дека, според пријавите во претходните пет години, трговците со луѓе експлоатираат и домашни и странски жртви во Македонија, а експлоатираат и жртви од Македонија во странство. Жени и девојчиња во Македонија се експлоатираат преку трговија за сексуална експлоатација и принудна работа во самата земја во ресторани, барови и ноќни клубови.

Жртви што се државјани на Македонија и странски државјани што транзитираат низ земјава се предмет на сексуална експлоатација и трудова експлоатација во градежништвото и земјоделството во Јужна, Централна и Западна Европа. Трговците експлоатираат ромски деца преку принудно просење и сексуална експлоатација во рамките на принудни бракови, се вели меѓу другото во извештајот.