Средба Поповски-Ромео за отчетноста кон јавноста и независноста на медиумите

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски се сретна со Карло Ромео, амбасадор на Република Италија во земјава. Како што се наведува во соопштението, Поповски објаснил дека е поставен транспарентен и отчетен систем на информирање на медиумите и на јавноста за сите прашања од јавен, општествен и граѓански интерес, што се однесуваат на работата на Владата, министерствата и јавните и државните установи и институции.

На средбата е разговарано и за придобивките од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги коишто отвораат простор експерти и истакнати личности од медиумската и општествената сфера да членуваат во советите на Македонската Радио Телевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и да раководат со нив.

„Ветивме на граѓаните отчетно и транспарентно работење на Владата. Исто така, се обврзавме и на создавање услови за независно и професионално работење на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија и измените на Законот се во таа насока. Очекувам да имаме поддршка и разбирање и од опозицијата за измените на Законот коишто се испратени веќе во Собранието, со оглед дека промените во медиумската сфера се меѓу клучните забелешки во двата извештаја на Рајнхард Прибе, како и обврска од Договорот во Пржино“, рече Поповски.

Италијанскиот амбасадор Ромео ги поздрави интегративните политики на Владата и изрази подготвеност за помош и поддршка во делот на споделувања искуства околу двете важни области, отчетноста кон јавноста и условите за професионално, независно функционирање на медиумите.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари