За време на Европската конференција на претседатели на парламенти, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и новоизбраната претседателка на Собранието на Република Албанија, Линдита Никола, остварија протоколарна средба.

Честитајќи и за изборот на функцијата, Џафери изрази надеж дека одличната парламентарна соработка ќе продолжи да се развива и унапредува и во наредниот период. Во продолжение на разговорот, соговорниците разменија информации за актуелните случувања во двете земји, при што, Џафери информираше за процесот на локалните избори, за кои рече дека се спроведуваат според највисоките меѓународни стандарди и изрази уверување дека во иста фер, мирна и демократска атмосфера ќе помине и претстојниот втор круг на 31 октомври.

Двајцата претседатели се осврнаа и го поздравија позитивниот извештај на Европската комисија за напредокот на двете држави за 2021 година, презентиран минатата недела од страна на комесарот за проширување , Оливер Вархеји, пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

На крајот на средбата, Џафери упати покана до новоизбраната претседателка Никола да ја посети Република Северна Македонија.

makfax.com.mk