Делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Албанија, предводена од заменик министерот, Бесфорт Љамалари, реализираше возвратна работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, во соорганизација со Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ.

Во фокусот на посетата беше автоматизираната размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, како специфично остварување на највисок степен на соработка меѓу двете земји, информираат од министерството за внатрешни работи.

Во рамки на работната посета, заменик министерот Љамалари оствари средба на највисоко ниво со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со амбасадорот на Република Албанија, Фатос Река, по што следуваше и билатерален состанок на шефовите на двете делегации, и тоа заменик министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Назим Буши и заменик министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Бесфорт Љамалари. Во текот на состанокот се дискутираше за повеќе области од заеднички интерес за двете страни, како што се иницијативата за потпишување на Протoкол помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Република Албанија за формирање заеднички работни тимови, кои преку безбедносно партнерство со помош на координирани активност треба да придонесат кон сузбивање на опасности по безбедноста и ефективнa борба против меѓународниот организиран криминал.

Од аспект на зголемување на ефикасноста во работењето на министерствата за внатрешни работи во борбата за спречување на транснационалните закани, како и во насока на натамошна професионализација и демократско полициско работење на полициските службеници, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија изрази иницијатива за одржување на редовни билатерални, трилатерални или регионални состаноци меѓу замениците министри за внатрешни работи, која има за цел редовно меѓусебно информирање за безбедносните предизвици со кои се соочуваат министерствата за внатрешни работи во регионот и изнаоѓање модуси за нивно надминување.

Од друга страна пак, целта и поводот на самиот настан беше потпишување на Заедничка изјава помеѓу двете министерства за внатрешни работи, која ќе претставува рамка за меѓусебна поддршка за имплементација на автоматизираната размена на податоци во пракса, со цел исполнување на европските стандарди. Овој документ беше создаден во насока на потврдување на посветеноста на двете страни да ги зголемат напорите за постигнување заедничка автоматизирана размена на дактилоскопски податоци во најкраток можен рок, да обезбедат меѓусебна поддршка во административната и техничката имплементација неопходна за успешно пренесување и споредување на дактилоскопски податоци, како и преземање на сите потребни мерки на национално ниво за да се обезбеди отпочнување на автоматизираната размена на ДНК податоци и на податоци за регистрација на возила, објаснуваат од МВР.

makfax.com.mk