logo
logo
logo

Србија сите ќе не вакцинира како тргнало, И ВЕТЕРИНАРИТЕ ДОБИЈА ТЕРМИН

Vecer | 26.03.2021

Србија сите ќе не вакцинира како тргнало, И ВЕТЕРИНАРИТЕ ДОБИЈА ТЕРМИН

Додека во Македонија пристигне поголема количина вакцини против корона, пола држава ќе се вакцинира во Србија. Најпрвин се вакцинираа новинари, потоа беше соопштено дека ќе се вакцинираат и полицајци, но и стопанственици.

Одобрени се и вакцинациите за обичните граѓани кои се пријавија уште во јануари чисто да си ја пробаат среќата, а сега и ветеринарите добија термин за вакцинација во Србија.

- Членовите на Ветеринарна комора ќе имаат можност во недела и понеделник, на 28 и 29 март 2021 година, да се вакцинираат во Србија со АстраЗенека. Како што соопшти Комората на својата веб страница, одобрено е барањето што било упатено до српската Влада преку Ветеринарната комора на Србија (ВКС).

- Ве известуваме дека ВКМ во настојување да најде решение за што побрза вакцинација и заштита на своите членови од КОВИД-19, во рамки на одличните односи и меѓусебната соработка со Ветеринарната комора на Србија, потврдена со Договор за соработка потпишан 2017 година, се обрати со барање да посредува до Владата на Република Србија да овозможи вакцинација на наши членови, стои во соопштението на Ветеринарната комора.

Во соопштението се додава дека денеска, на 26.03.2021 година, од Генералниот секретаријат на Владата на Република Србија преку ВКС сме известени дека нашите членови може да се вакцинираат во Ниш, со вакцината AstraZeneca, во недела и понеделник 28 и 29 март 2021 година,

Според претседателот на Комората, Томислав Николовски, оваа информација електронски е проследена до сите членови на Ветеринарната комора.

Поради итноста, заинтересираните за вакцинација најдоцна до утре 27.03.2021, сабота, до 12.00 часот треба да внесат точни податоци и да се регистрираат во табелата која е линкувана во дописот. Дополнителни податоци за точно место и време за вршење на вакцинацијата ќе добиете во текот на утрешниот ден, наведува Николовски во соопштението до членовите на Комората.

Тој упатува јавна благодарност до претседателот на Ветеринарната комора на Србија, Мишо Коларевиќ за личниот ангажман и до Владата на Република Србија за пријателскиот и хуман гест искажан кон вработените во ветеринарно-здравствениот сектор во Република Македонија.

Соопштението за вакцинацијата Ветеринарната комора го сподели и на својот официјален фејсбук профил.

На 17.03.2021 Ветеринарната комора до министерот за здравство Венко Филипче и Националната техничка работна група за вакцинација против КОВИД 19 испрати допис со кој побара вработените во ветеринарно-здравствениот сектор да бидат вклучени во приоритетните групи за имунопрофилакса.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk