Полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот ако бидеме дел од ЕУ и нашата позиција е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни, вели министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за словенечкиот весник „Дело“.

 „Мнозинството граѓани сакаат да влеземе во ЕУ, целиот регион нема алтернатива во однос на членството во ЕУ. Ќе сториме сè за да ја постигнеме целта и да ги започнеме преговорите со ЕУ. Се надевам дека ќе се случи поместување уште пред почетокот на словенечкото претседателство на Советот на ЕУ“, наведува Спаовски.

Тој посочува дека криминал и корупција нема само на Балканот и дека тоа не е нешто што е непознато и во западните држави.

„Се создаде перцепција дека кај нас има многу повеќе криминал и корупција отколку на друго место, а нашата задача е да го промениме тој впечаток. Во голема мера сме им посветени на реформите на законодавството, што е добро. Но, главното прашање е како да се реформираат умот и вредностите, за да престанеме да бараме дупки во законите. Ако успееме во тоа, сето останато ќе биде полесно“, потенцира Спасовски.

Тој натаму нагласува дека е точен впечатокот оти балканската мигрантска рута годинава е порастоварена, додацвајќи дека во првите четири месеци годинава имаше за 17,2 проценти помалку обиди за незаконито влегување во Северна Македонија отколку во истиот период минатата година.

На констатацијата дека криминалците од различни држави многу полесно се разбираат отколку политичарите, Спасовски одговара дека криминалните структури се секогаш чекор пред државата, бидејќи ги спојува интересот.

„Од друга страна, вистина е и тоа дека и во политиката нема вечна љубов, туку само вечен интерес, но кај криминалците тој е секогаш во прв план. Тие прават сè за да ја надитрат државата. Затоа е многу важно како ќе се поврзат институциите на различните држави и како ќе им застанат на патот на криминалните здруженија, за коишто границите не претставуваат препрека. Без оглед на тоа дали станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, илегални миграции, трговија со наркотици и така натаму“, нагласува Спасовски.

Тој оценува дека Балканот со својата геостратешка положба е привлечен и за криминалците, што предизвикува големи проблеми и затое е важна секоја иницијатива за регионално поврзување во борбата против организираниот криминал и брзата размена на информации меѓу државите.

Говорејќи за новите форми на криминал против децата, коишто во голема мера се распространија во времето на епидемијата, кога децата поминуваа многу време пред компјутерите и на интернет, Спасовски потенцира дека државите мора соодветно да одговорат на овие „валкани злосторства над младите“.

„И тука е од клучно значење силно да ја развиеме меѓусебната комуникација. Тероризмот, илегалните миграции и компјутерскиот криминал се предизвиците на денешниот ден и на иднината. Не би рекол дека главниот критериум за успешна борба против компјутерскиот криминал е богатството на државата. И за многу побогатите и поразвиените земји тоа претставува голем предизвик. Прашање е дали навреме сме препознале дека тоа за сите нас еднаш ќе претставува голем економски проблем. Добро е што на регионално ниво има повисока свест за опасноста од компјутерскиот криминал за општеството“, истакнува Спасовски.

Тој потенцира дека во општествата треба постојано да се бараат решенија, коишто ќе понудат соодветен одговор за криминалците, а истовремено и ќе ги заштитат човековите слободи и права.

Во однос на преземените мерки против Ковид-19, Спаасовски потенцира дека е задоволен од реакцијата на граѓаните на релативно строгите мерки, додавајќи дека статистичките податоци покажаа оти повеќе од 98 проценти од луѓето ги почитуваат мерките и не може да се почувствува поголем отпор кај луѓето.

„Клучна е транспарентната комуникација, да им кажете на луѓето дека Владата не сака да ги затвори, дека сме заедно во несреќата и дека тоа не му се допаѓа никому, но дека мора да сториме нешто за да се спречи ширењето на заразата. Се чини дека луѓето имаа доверба во нас и дека релативно добро ги прифатија мерките“, заклучува министерот Спасовски