Спасовски од Солун: Нема најави за зголемување на бројот на мигранти

Нема никакви најави дека ќе се зголеми бројот на мигранти или ќе проработи Западнобалканската рута, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по завршувањето на средбата на министрите за внатрешни работи и министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија што се одржа во Солун.

- На средбата дискутиравме за важни теми, за безбедноста, за глобалните предизвици коишто се однесуваат на безбедноста на нашите држави и на регионот. Пред се организираниот криминал, трговијата со луѓе, дрога и бегалската криза. Од исклучителна важност за нас е да имаме размена на информации, да имаме соработка и на полето на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, бидејќи тоа е глобален предизвик пред сите нас кој бара вземно вклучување и решенија кои се однесуваат и во делот на превенцијата, но и во делот на репресијата, рече Спасовски.

Договорено е да има шестмесечни средби на кои ќе се разговара за овие теми и да се воспостави контакт на ниво на директори и на пониските структури во полициите. - Договоривме да ја зголемиме и соработката во делот на цивилната заштита. Целиот регион годинава беше зафатен со пожари и секогаш се потребни повеќе капацитети за да се справиме со овие состојби, рече министерот Спасовски.

Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека на маргините на состанокот, министерот Спасовски остварил средба со Никос Тоскас, алтернативен министер за внатрешни работи надлежен за јавниот ред со кого разговарал за соработката на двете министерства во справувањето со безбедносните предизвици, со посебен акцент на проблемот со мигрантите. Двајцата соговорници ги разгледале и можностите за соработка во справувањето со проблемите со тероризмот и радикализацијата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари