Состојбата со корупцијата е многу сериозна и понатаму постојат ризици од корупција што веќе се нотирани во Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, на кои укажуваат извештаите од меѓународните институции, изјави Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на прес-конференцијата денеска посветена на сработеното во 2019-2020 година, симболично, како што рече, крајот на работењето во старите простории.

Ги нагласи како ризици за корупција изразено политичко влијание, владеење односно не владеење на правото, отстсуство на казнивост, на интегритет како личен и институционален, не доволна транспарентност, како и недоречености во законската регулатива. Правосудните органи, извршната власта, институциите кои одлучуваат во сферата на урбанизмот и Општините, нагласи таа, се сектори што се перцепирани со најголем ризик на корупција, злоупотреба на службена должност и можност за судир на интереси.

– Најмногу се пријавуваат состојби за незаконско вработување, издавање разни дозволи, решенија за градење и слично, концесии, постоење судир на интереси и при донесување судски одлуки. Најгорливиот проблем е во делот на вработување, најголем број пријави повеќе од 30 проценти се однесуваат на процесот на вработување, злоупотреба на дискреционото право на раководното лице. За раководните лица пресуден фактор при избор на кандидатите и интервјуто, не секогаш е успехот и освоените бодови, дотолку повеќе што ниту со закон, ниту со други со подзаконски акти не е уреден начинот на водење интервју преку структурирани прашања и негова еволуација, појасни претседателката на ДКСК.

Во акцинерските друштва, подвлече таа, не се уредени никакви правила и норми за бодирање врз основа на образование, работно исксутво, други квалификации и слично. Честа пракса, која ДКСК редовно ја потврдува, е менување на систематизациите и прилагодување кон нови работни места, што се креираат и менуваат според квалификациите и видот на образованието потребното работното искуство на соодветиот кандидат.

– Интересен момент е што во ниту еден од предметите ДКСК не наиде на искажан отпор или различен став за вработувањето од страна на членовите УО и Надзорните одбори, како органи на контрола над работењето на одговорните лица. Ова укажува на фактот за поврзаност и постоење заемен интерес. Овие вработувања во јавноста се препознаени како вработување непотизам, кронизам, клиентелизам, партиска поврзаност, што создава огромно незадовослтво кај граѓаните, чувство на нееднаквост, но и загрозеност на загарнтираното уставно право за еднакви услови и достапнсот на секое работно место, рече Ивановска.