logo
logo
logo

Сопругот на претседателката на Судскиот совет должи 1,6 милиони евра во Еуростандард банка, тврдат оштетените штедачи!

Vecer | 29.04.2021

Сопругот на претседателката на Судскиот совет должи 1,6 милиони евра во Еуростандард банка, тврдат оштетените штедачи!

Оштетените штедачи од Еуростандард банка непосредно пред изборот на Павлина Црвенковска за претседател на Судскиот совет, потсетуваат на долгот на нејзиниот сопруг кон банката. Велат дека зад грабежот на нивните депозити стои добро организирана мрежа на разни измамници, во која не се вклучени само раководните лица на банката, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот прв тим од Народна банка, туку и сопствениците на фирмите кај кои завршувале парите или служеле како посредници.

-Еден од тие учесници во грабежот на нашите пари, за што веќе и објавивме, е Зоран Црвенковски, сопственик на фирмата должник Екопласт Рисајклинг доо увоз-извоз од Скопје, сега во стечај. Оваа фирма има долг од 1,6 милиони евра кон Еуростандард банка, а за којшто нема платено ниту една рата повеќе од две години пред затворањето на банката во август минатата година. Во времето кога и е одобрен кредитот, фирмата веќе била презадолжена повеќекратно од нејзниот капитал и со големи загуби. Со други зборови, Зоран Црвенковски свесно земал милионски кредит во евра врз основа на ултра лоши перформанси на фирмата и четири пати помало обезбедување, а за истиот не платил ниту денар повеќе од две години. Долгот кон банката сега и не може да се наплати, бидејќи не само што е неосновано одобрен како кредит, туку намерата да тој воошто не се врати се гледа и во свесното носење на фирмата во стечај. За тоа што Зоран Црвенковски со умисла го земал милионскиот кредит во евра односно нашите лични пари и потоа свесно со умисла ја довел фирмата во стечај, очекуваме да одговара пред судските органи, велат оштетените штедачи.

Тие прашуваат дали Зоран Црвенковски ќе дочека да одговара за делото со оглед на тоа што неговата сопруга Павлина Црвенковска е член на Судскиот совет, претходно судски советник во Апелациониот суд во Скопје, со амбиција да стане и претседател (во меѓувреме е веќе избрана за претседател на Судскиот совет, н.з.).

-Како вршител на јавна функција, се прашуваме зошто Павлина Црвенковска не ја пријавила во нејзиниот анкетен лист и сопственоста на нејзиниот сопруг во фирмата Екопласт Рисајклинг, а уште помалку земените а невратени пари во износ од 1.600.000 евра. Вкупната вредност на се што е пријавено во нејзиниот јавно достапен анкетен лист, заедно со имотот на нејзиниот сопруг, изнесува околу 65.000 евра, што е неспоредливо помалку од нашите пари коишто завршиле кај нејзиниот сопруг. Тоа се туѓи пари кои Зоран Црвенковски ќе треба да одговори каде се наоѓаат и истите да ни се вратат. Длабоко сме уверени дека ова е и еден од одговорите зошто упорно се молчи за сторениот организиран криминал и корупција во случајот со грабежот на депозити во Еуростандард банка, се вели во соопштението од штедачите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk