По објавувањето на информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата поради дигиталните учебници, Сојузот на средношколци се огради од ваквите акции.

Оттука велат дека средношколците не организираат никаков бојкот, туку тоа се одредени групи кои манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците.

„Најпрвин, мораме да кажеме дека нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува на само на IV одделение, според нашите информации. Само учебниците за IV одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците. Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен“, наведе Сојузот на средношколци.

Министерството за образование и наука упати апел до средношколците да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес.

Во спротивно, како што велат од МОН, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува.

„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, велат од Министерството за образование.

Истовремено, нагласуваат дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените.

Сите други извори, како што велат од МОН, не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства.

 

makfax.com.mk