Владата на денешната седница ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.

 

makfax.com.mk