logo
logo
logo

“Со Заев не можам да бидам пријател“

Vecer | 05.08.2021

“Со Заев не можам да бидам пријател“

Три години беше прв човек на Државниот пазарен инспекторат и успеа од него да направи респектабилна институција. Бројот на пазарните инспектори двојно порасна, од 90 на 187, а тие добија и повисоки овластувања и станаа „страв и трепет“ за оние што сакаа да го кршат законот, особено во време на корона и строги мерки за заштита на граѓаните.

Сите веќе знаат како заврши директорувањето на популарниот Стојко Пауновски во Државниот пазарен инспекторат. Тој покажа храброст и одби да прими триесетина „рамковно вработени“ во ДПИ, затоа што немале соодветни квалификации за да работат во таа институција. Пауновски за тоа и јавно проговори, но Владата и премиерот Зоран Заев во тоа препознаа недозволив пркос и одбивање да ги реализира владините одлуки, или, како што го нарекоа, непрофесионално однесување.

„Согласно Законот за Државен пазарен инспекторат според кој Владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување“, соопштија тогаш од Владата.

Пауновски, пак, тогаш кусо одговори дека ова значи непрепознавање на неговите желби и обиди за создавање на силна, стручна и независна европскаинституција.

Бурата се смири, а Фактор се интересираше што сега прави Стојко Пауновски, човекот кој ги доби симпатиите и наклонетоста од јавноста заради покажувањето интегритет и бранење на своите ставови, што го чинеше губење на директорската позиција.

Пауновски се вратил на старото работно место, а тоа е главен регионален инспектор во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи Тетово, која го опфаќа регионот Тетово, Кичево, Дебар и Гостивар.

Тој вели дека даночен инспектор не може да биде секој. Во хиерархијата на УЈП има помлад инспектор, инспектор, виш инспектор и главен инспектор. Тоа главен инспектор е всушност звање, а не функција.

Дали има комуникација и дали можеби останал пријател со премиерот Зоран Заев, Пауновски во изјава за Фактор вели дека тоа, едноставно, не е возможно.

Не можете да имате коумуникација или да бидете пријател со човек кој не ви излегол во пресрет кога требало, и со човек со кој во опиозиција заедно сте се залагале за едни принципи, а сега му се промениле ставовите“, нагласува поранешниот прв човек на ДПИ.

Не е активен ниту во партијата, каде претходно 11 години беше претседател на Општинската организација на СДСМ, бидејќи, вели дека нема логика за такво нешто.

„Јас сум сега член во мирување“, вели на шега Пауновски, но сепак нема никаква намера да влегува во некакви фракции во партијата.

Ако не можеш нешто да постигнеш додека додека си во власта, уште помалку тоа можеш да го сториш од позиција на ‘опозиција“, вели за Фактор Пауновски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk