МВР со детали за акцијата "Чекан"

Со лихва и насилство, од ситни криминалци до милионери

Мозокот на операцијата, гостиварскиот бос Фадиљ Арслани, успеал да побегне пред да биде уапсен и според полицијата тој се уште е во градот или во околината, а еден од осомничените пукал во полициските специјалци

Криминалната група на гостиварецот Фадиљ Арслани (49) е целосно разбиена и уништена во вчерашната акција на МВР. "Чеканот" удри по криминалците во раните утрински часови, па петнаесет осомничени, меѓу кои има и адвокати и извршители, се уапсени, а запленети се пари и дваесетина луксузни возила.Четворица, вклучувајќи го и босот, се во бегство. Според полициските информации, тој успеал да го избегне апсењето, но се уште е во градот или во околината, па затоа до затворањето на весникот во Гостивар имаше зголемено присуство на полициските сили, вклучувајќи ја и специјалната единица.

Од МВР велат дека акцијата е изведена по долга и обемна истрага во која биле собрани голем број докази кои покажале дека оваа криминална група стекнала огромни суми пари, а со тоа и моќ и со години наназад го тероризирале населението во градот и во околината.

Основен бизнис на криминалната група биле лихварството и изнудата кои адвокатите и извршителот успешно ги маскирале со лажни договори. Жртвите трпеле психичка и физичка тортура за да ги враќаат парите и навреме да ги плаќаат ратите чијашто камата изнесувала и до 20 отсто месечно. Криминалците често ги користеле тупаниците и заканите со оружје за да го извадат и последниот денар од задолжените луѓе. По неколку рати тие веќе немале пари, па тогаш стапувале на сцена адвокатите кои составувале договори за купопродажба на нивните автомобили и недвижниот имот, куќи, станови, дуќани, па дури и хотели, а во оваа операција бил вклучен и извршителот.

Парите од лихва криминалците ги ставале на своите сметки во банките не плашејќи се дека треба да го докажат потеклото. Од МВР велат дека имаат докази за 862 илјади евра собрани од лихва кои се депонирани на сметките на Арслани во повеќе банки како и на неговите фирми, дискотеката "Голден најт", која беше запалена во 2008 година и хотелот "Голден плејс" во Маврови Анови. Парите се подигнати од сметките и испрани со купување недвижен имот.

Во претресите на домовите на осомничените се најдени 43.510 евра, 12.080 швајцарски франци и 239.850 денари и поголема количина оружје и муниција. Во рацете на полицијата паднале 4 пиштоли, ловна пушка и 60 куршуми од различен калибар, а еден од осомничените пукал во специјалците кои се појавиле во неговиот дом за да го уапсат. За среќа, тие минале неповредени, а криминалецот бил совладан пред да може да повреди некого.

Од МВР информираат дека 15 осомничени се уапсени, двајца се во бегство, а двајца подолго време се во странство. Против осомничените ќе бидат поднесени кривични пријави за злосторничко здружување, изнуда, лихварство и за перење пари и други приноси од казниво дело и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд. (О.Ч.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари