ФАКУЛТЕТ ЗА ДЕТЕКТИВИ И КРИМИНАЛИСТИКА ПРИ ЕВРОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ РМ

Со криминалот ќе се справуваат и детективки

Факултетот нуди специфични форми на образование, пред се практична обука, како што се стрелање со лично оружје, преживување, но и голем број спортски активности. Тука е и теориската основа за успешно обавување на задачите од делот на криминалистиката, со посебен акцент на детективската дејност...

Факултетот за детективи и криминалистика при ЕУРМ, побудува голем интерес кај младите. Според доц. д-р. Стојан Славески годинава на овој факултет се запишале 50 отсто повеќе студенти од лани, а интересно е што меѓу нив има и голем број девојки кои утре ќе станат - детективки.

-Факултетот нуди специфични форми на образование. Тука мислам пред се на практични форми на обука, како што се стрелање со лично оружје, преживување, детективска тактика во летни услови, но и голем број спортски активности, меѓу кои и скијање... Од друга страна не се запоставени ниту предметите кои даваат теориска основа за успешно обавување на задачите од делот на криминалистиката, со посебен акцент на детективската дејност. Ние нудиме настава на првиот циклус, додипломски студии, а очекуваме наскоро да почнеме и со студии од втор циклус или постдипломски, според насоката 4+1. Со тоа нашите студенти ќе се стекнат со диплома магистер по три насоки, криминологија, криминалистика и безбедност, објаснува доц. д-р Славески, в.д. декан на Факултетот за детективи и криминалистика. На постдипломски студии според него се очекува да се пријават и голем дел од припадниците од Министерството за внатрешни работи, одбрана и сите други институции кои се бават со безбедност. Знаењето од факултетот студентите ќе можат да го употребат за вработување во институции, чијашто надлежност е борбата против организираниот криминал, водење на криминалистичките истраги итн.

Наставната програма според светските искуства
Наставната програма според доц. д-р Славески гарантира квалитет, а за тоа зборуваат и издадените учебници чии автори се професорите на овој Факултет.

Доц. д-р Марјан Богданоски предава неколку предмети во делот криминалистика. "Криминалистичка методика" е негово најново дело кое неодамна излезе од печат.

"Учебникот е наменет за студентите од втората година. Очекуваме тој да добие во значење прво пред самите студенти за кои првенствено е наменет, но и пред пошироката научна јавност. Содржински, ги третира кривичните дела меѓу кои крвни и сексуални деликти, имотни кривични дела, производство и пуштање во промет на опојни дроги, трговија со луѓе, проституцијата, рекет, тероризам, сите видови разбојништво, а посебен акцент е ставен и на поновите облици на криминалитетот, како фалсификат на брендот, повреда на интелектуална и авторска сопственост, кражба на идентитет..., објаснува Богдановски. При подготовката на учебникот е користена понова литература како од балканските земји, така и американската литература при што се искористени нивните искуства во делот на откривање и докажување на криминалот.

Професорот м-р Оливер Андонов, пак, е одговорен за обуката во стрелање со лично оружје и предметот разрешување на конфликти. Преку првиот предмет, вели Андонов, студентите се запознаваат со основите на балистиката, техничките карактеристики на оружјето кое е најчесто во употреба во РМ од страна на државните органи и приватните агенции за обезбедување. Вториот дел од обуката, пак, се состои и во ракување со личното оружје, но и запознавање со пософистицирани модели на пешадиско вооружување. За таа цел студентите во континуитет посетуваат обука како во Скопје, така и во Охрид.

-Преку остварената соработка на Универзитетот со Армијата и Министерството за внатрешни работи, поедини нивни единици, најчесто специјални единици, организираат тактичко-технички и показни вежби за студентите. Преку предметот разрешување на конфликти пак, се запознаваат со основите на конфликтите како подготвока за работа во идни институции и организации со поголем број лица...

Криминологија
Студентите на Факултетот за детективи и криминалистика го збогатуваат своето знаење и со основите за криминологијата, односно криминалитетот од антиката до денес, а во тоа им помага доц. д-р Слободанка Тодороска- Ѓурчевска, професор по криминологија.

-Преку криминологијата го објаснуваме потеклото на криминалитетот, причините за негово јавување, причините кои доведуваат до појава на криминалитетот како индивидуална појава и општествен феномен. Се нудат знаења за поедини видови криминалитет, од класичен до новите, како што е организираниот криминал, политичкиот, насилничкиот, сексуалниот криминалитет, тероризмот...Ова е една од носечките науки која се изучува на факултетот и има за цел на нашите студенти да им презентира теоретски знаења со цел да се извлечат заклучоци и да се имплементираат во практичната работа.

Според проф. д-р Стојан Кузев, редовен професор на овој Факултет, преку непосредниот контакт професор - студент и предавањата се создава солидна основа со која студентите ќе можат да ги совладуваат знаењета. Учебникот, учебните помагала и авторизирани предавања, пак, на студентите им служат за непосредни подготовки за полагање на колоквиуми и испити по секоја наставна дисциплина. Секој од наставниците е обврзан да изготви учебник односно авторски предавања.

-Вториот аспект кој сакам да го истакнам е учеството на наставниот и соработничкиот кадар од овој факултет во активности организирани надвор од факултетот. Тука ќе наведам само два примера како што е учество на трибина за конфликтот во 2001 и трибината организирана од Здружението на дипломирани студенти на европскиот центар за безбедносни студии за улогата на парламентот во борбата против тероризмот, посочува проф. д-р Кузев.

Стипендии и за бруцошите и за постдипломците
Европскиот универзитет РМ и годинава обезбеди одреден број стипендии за бруцошите и постдипломците на оваа високообразовна институција. Стипендии во износ од 500 евра ќе бидат наменети за студентите кои ќе се запишат на првата година од додипломски студии. За оние пак што ќе се запишат на вториот циклус студии, популарно наречени постдипломски студии, стипендиите изнесуваат 1000 евра. Ова се однесува за оние кои веднаш ќе склучат преддоговор со депозит од 500 евра.

Принципот на доделување стипендии, според одговорните на ЕУРМ , е прв дојде-прв земе", а на оние кои ќе уплатат депозит, им е обезбедено местото за студирање. Оваа поволност ќе трае до завршувањето на Саемот за високо образование, на 16 април 2010 година.

Поврзани

Најнови вести

Коментари