logo
logo
logo

Славески: Поскапувањето на горивата не е еколошка такса, туку кризен данок

Vecer | 24.06.2021

Славески: Поскапувањето на горивата не е еколошка такса, туку кризен данок

Со оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ навикнавме на создавањето паралелна реалност и на давање погрешно име на нештата. Предлогот за воведување т.н. еколошка такса за горивата не отстапува од ова востановено правило. Тоа се гледа од образложението што го нудат владата и нејзини челници за причините за воведување на оваа давачка.

Целта, наводно, е да се придонесе кон заштита на животната средина преку поддршка на транзицијата од користење фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Нè убедуваат дека зголемените цени на горивата почивале на познатиот принцип „загадувачот плаќа“. Овој принцип, предложен од економистите пред точно еден век, е сосема во ред, но повикувањето на него во случајов претставува класична злоупотреба и замена на теза. Значи ли ова дека сите корисници на автомобили, сите транспортери, вклучително и вршители на јавен превоз во земјава се загадувачи? Се разбира дека не значи. Наместо да се воведе построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата, како основа за примена на принципот „загадувачот плаќа“ во овој контекст, се предлага линеарно зголемување на цените на горивата за сите корисници, без разлика на видот на превозното средство.

Дали преку зголемени цени на горивата ќе се намали користењето на возилата? Се разбира дека одговорот е негативен. Од досегашната практика може да се заклучи дека зголемувањето на цените до одреден степен не влијае на намалување на потрошувачката на горивата. На тој начин се губи смислата на презентацијата на овој намет врз стандардот на граѓаните како еколошка мерка.

Несомнено, воведувањето на дополнителна давачка на горивата, преку зголемените цени, ќе ги зголеми приходите во државниот буџет. Зголемените цени негативно ќе влијаат врз стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници. Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во изразито неповолен момент,кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст. Имано да потсетиме дека цената на суровата нафта последнава година на светските берзи е зголемена на цели 90%  и само последниот месец е зголелема за 10 % и ова секако ќе влијае на зголемување на малопродажните цени на горивата.

Почитувани, ова значи дека не треба да очекуваме некој позначителен ефект од оваа нова давачка врз однесувањето на граѓаните. Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за КРИЗЕН ДАНОК. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза.

 Во моментов речиси секаде во светот се забележуваат високи стапки на инфлација. И во Република Македонија се соочуваме со највисоки стапки на пораст на трошоците за живот во последните десетина години.

Владите и централните банки будно ја следат инфлацијата и се подготвени да преземат мерки за нејзино намалување. Овој чекор на зголемување на давачките за нафтата и бензините ќе има токму спротивен ефект, односно ќе предизвика пораст на цените, затоа што нафтата е инпут во секој производ и услуга. Повисоките цени ќе значат помала потрошувачка, а помалата потрошувачка ќе значи помал раст на македонската економија во споредба со другите земји.

Помалиот раст ќе значи дека државата ќе мора повеќе да се задолжува, а фискален простор за задолжување веќе нема. Навистина станува збор за една несоодветна и штетна мерка., се вели во интегралниот текст од прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk