logo
logo
logo

Скоевката Драга Русковска денес полни 95 години: РЕВОЛУЦИЈАТА КАКО СУДБИНА

Vecer | 22.02.2021

Скоевката Драга Русковска денес полни 95 години: РЕВОЛУЦИЈАТА КАКО СУДБИНА

Годинава ќе се навршат осум децении од почетокот на Втората светска војна во Југославија. Да се потсетиме на хероите и нивните подвизи во антифашистичката народноослободителна војна, нивната храброст и бескомпромисна борба за зачувување на идеалите. Будењето на сеќавањата за ослободителната борба е светла насока за идните генерации кон вистинските вредности.

Со сликовит опис на воениот период  и идеалите кои биле ѕвезда водилка кон слободен живот, на историскиот пат до слободата водич е соговорничката на „Политика“ Драга Русковска. 

Партизанката Драга Русковска е позната и има свое место во историјата, но за нашите читатели во Македонија да кажеме дека таа е мајка на шефицата на организиран крининал при ЈО, Вилма Русковска.

Родена е пред точно 95 години, на 22 февруари 1926 година во Штип, во источна Македонија. Револуцијата станала нејзина биографија, судбина, но и мерка на однесување и однос во современиот свет. Како скоевка, се придружила на НОБ од каде тргнала во партизани. Специјално за читателите на Политика ја раскажува својата приказна.

- Кога почна војната (1941) моите пријатели кои студираа во Белград се вратија во Штип. Како припадници на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) со себе ги донесоа и идеалите на комунизмот. На тајните состаноци ни го појаснуваа значењето на комунизмот и ни ги доближуваа своите идеи.  Тогаш и јас станав член на СКОЈ. Чувавме илегалци и ги извршувавме сите задачи кои ги добивавме. Македонија тогаш беше под бугарска опкупација. Во 1943 година нашата ќелија беше откриена и завршивме во затвор во Скопје. Тоа беше тежок период, бевме мачени, физички и психички, секој ден. Кога беше убиен бугарскиот цар Борис, не амнестираа нас кои бевме малолетни, но моравме да ветиме дека повеќе нема да се бориме против буграските власти. Се вратив во Штип, ја почнува својата приказна Драга Русковска.

Сакајте ја својата држава како што го сакате своето семејство. Алтернатива не постои, им порачува на политичарите од поранешните држави на СФРЈ некогашната партизанка од Северна Македонија

Немирниот младешки дух воден од идеалите и силната желба храбро и со полни гради  да се живее во слободна земја ја натерала оваа храбра жена во беспоштедна борба против окупаторите кои чинеле ѕверски злодела во целиот свет, по команда на Хитлер.

- Сепак, после неколку месеци ја формиравме 14. Македонска младинска ударна бригада. Така тргнав во партизани. Со бригадата учествувавме во ослободувањето на повеќе градови, меѓу кои беше и Скопје. Во меѓувреме Бугарите ја сменија страната, но Главниот штаб на НОБ Македонија не дозволи да учествуваат во ослободувањето  на кој било македонски град. До крајот на 1944 година со крвава борба на партизанските единици беше ослободена цела Македонија, со гордост истакнува Русковска.

Оваа борба е крунисана на 2 август 1944 година во Прохор Пчински, на првото заседание на АСНОМ, каде Македонија е прогласена за држава, а македонскиот јазик стана службен јазик на оваа држава која влезе во состав на Народна Федеративна Југославија. Но бидејќи војната се уште не беше завршена, бригадата на која припаѓала Русковска, со командантот Боро Чаушов на чело, добила наредба да тргне за Белград, па на Сремскиот фронт.

- Во февруари 1945 година добивме наредба да тргнеме за Белград. До Врање пешачевме, а од Врање до Белград со товарни вагони. Беше многу ладно. Во вагоните палевме огнови за да се згрееме. Кога стигнавме во Белград сите изгледавме ако оџачари. Таму завршив курс за шифрант, по што заминавме за Срем. Не можам да ги заборавам изразите на лицата на сите кои дојдовме од Македонија. Никаде дрво, никаде камен, до каде и да гледа окото - рамнина. Беше исклучително тешко да се смести герилата во рововите. Војувавме заедно со Втората личка дивизија. Беа мошне горди што тие го спасиле другарот Тито во Дрвар. Бидете сигурни дека не дозволуваа да го заборавиме. Тогаш прв пат и слушнавме за офанзивите на Неретва и Сутјеска.

Беше тешко, никој не не подготви за фронтовско војување, затоа и толку се гинеше. Бев ранета. Се сеќавам дека тогаш маршалот Тито во својата придружба имаше три бомбардери. Само што го завршувавме пробивањето на фронтот, ќе заплениме камиони, тенкови, топови, ќе се појават тие бомбардери, па криј се твоите да не те убијат и да не запалат се што сме заплениле. Комуникациите не беа како денес.

Што за вас младите значеше таа борба и каков однос беше граден меѓу партизаните?

- Бевме млади, водени од идеали. Војувавме, гиневме, градевме држава. Држава во која сите ќе бидат еднакви, во вистинска смисла - и социјално и економски. Нашите соборци мажите кон нас, девојките, беа полни со почит. Беше забрането какво било додворување.

Командант на Сремскиот фронт бил шпанскиот борец Коста Наѓ, каков беше како командат?

- Командантот Коста го сретнав еднаш или два пати. На мене остави впечаток на способен и искусен воин. Уживаше полна почит. Беше привилегија да се запознае шпански борец.

„Другар Тито, војната е завршена“ му испратил на Тито, Коста Наѓ на 15 мај 1945 година. Уапсен е и Александар фон Лер, човекот кој го бомбардирал Белград. Каква радост донесе крајот на војната?

- Кога беше потпишан мировниот договор на 8 мај 1945 година ние бевме во ровови. Преку разглас на германски беше објавено дека Германија капитулирала, дека е потпишан мировен договор, но Германците се бореа како самиот Хитлер да стои зад нив. Во рововите бевме до 15 мај кога конечно и војната беше завршена. Бевме среќни и горди. Тргнавме со голи раце, а победивме толку моќна армија. Пеш се вративме во Македонија. Дома во Штип, стигнав во септември. Толку ни требаше за да стигнеме пеш. На дочекот на новата 1946 година го запознав својот покоен сопруг Мицко Русковски. Беше потполковник, комесар на Втората дивизија. Тој дојде со друга девојка, но на крајот од вечерта мене ме испрати дома. Тоа беше љубов на прв поглед. Се зедовме во јуни 1946 и имавме прекрасен брак. Маж ми умре во јануари 1984 година. И после толку години се уште ми недостасува. Со него имам две ќерки. Едната тргна по неговиот пат. Патот на праведноста. Таа е главен обвинител за организиран криминал во Северна Македонија.

Својот врховен командант во војна и мир, Јосип Броз Тито, Русковска имала чест да го запознае во родното место. Да, во Штип. Некој би рекол - судбина. Во градот кој го опфаќа централниот дел на Овче поле, во долината на реката Долна Брегалница, во Источна Македонија - го открила сето она за што се борела.

Средбата со Тито ја доживеала вака: 

„Маршалот Тито го запознав кон крајот на 50-те години. Беше во посета на Штип. Се сеќавам дека во име на граѓаните на моето родно место, му подарив овчеполска носија. На заминување рече: „Убав крај, убави луѓе!“ Секогаш знаеше да го каже она што луѓето сакаат да го слушнат. Во синилото на неговите очи се наѕираше оган; со насмевка и нежност, во чекор одеше и неговата непоколебливост. Бев фасцинирана. Околу себе ширеше сигурност и самодоверба, така што и сите ние бевме сигурни дека ќе успееме да ги оствариме целите на нашата борба, а тоа значеше дека ќе изградиме држава на која сите ќе бидеме горди. Тоа и се случи. За жал, траеше до распаѓањето на СФРЈ.

Се распаднаа и наследствата не само на нашата борба - се распаднаа идеалиуте, се распадна моралот. Се сеќавам, пред едно десет години, не исфрлија од просториите каде што бепе сместен Сојузот на борците. Замислете слики на народни херои расфрлани по улицата. И повторно, со повеќе од 85 години животен век застанавме во строј и повторно марширавме, но сега во знак на протест.

Што би им порачале на државните раководители и граѓаните на новонастанатите држави од СФРЈ?

- Драго ми е дека и после толку години од распадот на СФРЈ чувствувам блискост со сите со кои ги делевме радостите и тагите на таа држава. На сите политичари би им порачала: сакајте ја својата држава како што го сакате своето семејство, борете се за неа како што се борите за своето семејство. Алтернатива не постои.

„Слоовенскиот народ може мирно да гради затоа што на границите на државите стојат Срби, Хрвати, Македонци и сите народи на Југославија“ - се зборовите на Тито кои и денес и одѕвонуваат на оваа голема жена. Таа ја создавала Југославија и го доживеала нејзиното распаѓање. Се омажила и останала вдовица, но како вечен победник, живее среќно, затоа што има свои деца и свои внуци со кои се гордее.

Извор: Жељко Шајн, Политика.рс

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk