Телевизии

Сител најгледана, МРТВ со повеќе вработени од сите други заедно

Македонската радио телевизија (МРТ) ќе добие дополнителни три милиони евра од државниот буџет со што вкупно на располагање ќе има речиси 21 милион евра за годинава. Јавниот сервис има повеќе вработени од петте приватни национални телевизии заедно, а е на последно место според гледаноста.

Дополнителни три милиони евра за МРТ

МРТ ќе добие дополнителни три милиони евра од државниот буџет со што на сметката на јавниот сервис годинава ќе легнат 20.8 милиони евра!

Собраниската Комисија за транспорт и врски вчера го прифати предлогот за ребаланс кој уште треба да помине и на пленарна седница.

Опозициските пратеници иако го поддржаа предлогот, обвинија дека предупредиле оти МРТ ќе се соочи со финансиски проблеми со укинувањето на радиодифузната такса.

Власта, пак, најави сериозни промени во јавниот сервис откако ќе бидат донесени измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

1% од буџетот за јавниот сервис!

Откако беше укината радио дифузната такса, главен извор за финансирање на МРТВ е државниот буџет.

Во моментов се одвојуваат 0.7% од буџетот за оваа намена, а со предложените измени на законот сумата треба да порасне на 1% со што теоретски да се обезбеди приход од околу 21 милиони евра на годишно ниво со тоа што од овие пари 74.5% би биле наменети за финансирање на МРТВ, а остатокот би одел за финансирање на Агенцијата за медиуми и јавното претпријатие Македонска радиодифузија (МРД).

Со дополнителните пари во 2018-та МРТ ќе има буџет од 20.8 милиони евра, во 2017-та имаше 16.8, во 2016-та над 19.3 милиони евра, во 2015-та 20.8, а во 2014-та 21.5 милиони евра.

МРТ со милионски долгови

Македонската радио телевизија има милионски долгови. Се појави и на најновата листа на должници на УЈП, само по основ на Данок на добивка должи 1 милион и 588 илјади евра, а за ДДВ должи речиси 70 илјади евра.

Колку вкупно пари во моментов должи јавниот сервис е непознато, но лани во октомври самите објавија дека имаат милионски долгови кон дузина доверители меѓу кои и Париски и лондонски клуб, Аеродроми на Македонија, ТСЕ, ЕЛЕМ, ЕБУ.

МРТ има 905 вработени!

Македонската радио телевизија (МРТ) на крајот на 2016-та имала 864 вработени или 4 повеќе во однос на 2015-та.

МРТ има ангажирано над 200 новинари; околу 80 уредници; скоро 350 режисери, монтажери и сниматели; 20-на инженери и техничари, како и околу 200 заведени под категоријата останат кадар. Околу половина од вработените се со високо, а половина со средно. Има и 70-на кои се водат под ставката „друго" образование.

„636 од вработените биле Македонци, 176 биле Албанци, 34 Турци, 31 Срби, 5 Роми, 8 Власи, 6 Бошњаци, а 9 биле припадници на други малцински заедници" се наведува во извештајот на Агенцијата за медиуми (АВМУ). Извештајот за 2017-та се уште не е објавен.

Петте приватни национални имаат само 687 вработени!

Петте телевизии кои емитуваат на национално ниво (Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат – М) заедно имаат вкупно 578 вработени што е помалку од МРТ која има 864 вработен!

И кај приватните телевизии имало зголемување на бројот на вработени. На крајот на 2016-та биле 578, а на крајот на 2015-та 687.

Најмногу вработени има Канал 5, потоа следуваат Сител, Алсат, Телма и Алфа.

Во 2016 година, во сите комерцијални телевизии заедно биле вработени вкупно 1.862 луѓе.

„Во комерцијалните телевизии биле ангажирани 1413 Македонци, 345 Албанци, 24 Бошњаци, 23 Турци, 20 Срби, 14 Роми, 11 Власи и 12 лица од други националности" се наведува во извештајот од АВМУ.

Најгледана телевизија повторно Сител

Анализите на АВМУ покажуваат дека и натаму најгледана телевизија во Македонија е Сител.

На прашањето „кој телевизиски канал го гледавте вчера" 35.58% од испитаниците одговориле Сител, 28.88% Канал 5, 18.83% Телма, 14.92% Алсат – М, 13.79% 24 Вести, 13.00% Алфа, 11.38% МРТ1, а 4.79% Нова ТВ...

Од странските телевизии кои се достапни преку кабелска најгледан е Discovery, 7.63% од Македонците барем еднаш во текот на денот го вклучуваат овој канал. Зад него е Sport Club со 6.79%, па Fox со 4.67%.

Податоците се однесуваат на периодот јули – септември 2017-та. Гледаноста е речиси непроменета во однос на истиот период лани освен што 24 Вести ја преминала Алфа во бројот на гледачи.

Телевизијата останува прв извор за информирање

Анализите на АВМУ покажуваат и дека телевизијата го задржува водството над останатите медиуми во однос на информирањето на граѓаните.

Речиси 75% од граѓаните, секој ден или речиси секој ден за домашни и странски настани се информирале од телевизијата. На второто место е интернетот со околу 50%. Печатените медиуми и радиото имаат многу помало учество.

Најмногу играна, најмалку културна програма

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои се однесуваат на 2014-та година МРТВ на своите три канали емитувала 20.197 часови програма или во просек по 55 часа на ден. 10-те приватни телевизии кои зрачат на државно ниво во истиот период емитувале 81.615 часови програма на ден или во просек секоја од нив по 22.4 часа.

Податоците укажуваат дека на македонските телевизии има најмногу играна, а најмалку културна програма.

Така МРТВ во просек емитувала по 8 часа филмови и серии, по 7 часа музика, по 5 часа и 30 минути забавни емисии, речиси исто толку и спортски. За вести биле одвоени по 6 часа на ден, а за друга информативна програма по речиси 4 часа. Реклами имало по 12 минути на ден.

Состојбата кај приватните телевизии е малку поинаква. Тие во просек прикажувале по 6 часа филмови и серии, нешто над два и пол часа информативна програма, речиси исто толку и вести. Забавни емисии имало по 2 часа и 15 минути, а музика нешто под 2 часа. Приватниците просечно прикажувале секој ден по 1 час и 39 минути реклами.

Поврзани

Најнови вести

Коментари