ДВА ДЕНА ПО ПЛАНИНСКА БУРА ВО СЕЛОТО БРОДЕЦ ЖИВОТОТ СЕ НОРМАЛИЗИРА

Сите волци сити, настрада само Шити

Два дена по полициската акција во селото Бродец, ситуацијата вчера во Тетовско беше мирна. Силно полициско обезбедување, проследено со оклопни возила на македонската полиција и вчера патролираа низ селото и неговата околија. Мештаните сега комплетно слободни се движеа низ улиците на селото и кон градот.

Изар Имети, 70-годишен жител на Бродец, за ВЕЧЕР изјави: "Јас слушав пукање. Ми беше многу страв, се скрив во подрумот од мојата куќа. Со мене беше моето семејство, внуците и жената. Кусо време откако престана пукањето јас излегов надвор, ја видов полицијата и знаев дека сум сигурен".

Негов сосед, исплашен, тврдеше дека освен вооружените полицајци во селото тој не забележал никого. Тој тврди дека во селото немало никаква криминална банда. Наспроти тврдењата на селаните и мештаните, од кои поголемиот дел тврдат дека во нивното село и околината немало криминални групи, ВЕЧЕР во ексклузивна репортажа од тетовското Бродец со специјалните полициски екипи на МВР, го открива токму спротивното: половина час возење од Бродец во правец кон околната шума, во самите врвови на планината, беа присутни остатоците од она што зад себе го оставиле терористите. Воен камп, импровизирано ве-це, неколку бункери и ровови долги околу 50 до 100 метри, а длабоки околу еден метар, е она што го користеле криминалните банди на сега покојниот Рамадан Шити.

Три убиени коњи, натоварени со самари оружје, лежеа во близина на рововите на криминалните групи. Огромно количество на муниција, минофрлачи, четири бестрзајни топови, педесетина автоматски пушки и два снајпери "црна стрела" се воениот плен на македонските специјалци по акцијата "Планинска бура". Во рововите се уште беа оставени свежите траги од присуството на криминалните косовски групи. Оставени сандаци од муниција и паковки од ракетни фрлачи беа насекаде околу импровизираните ровови. Исто така, запленета е воена литература која потекнува од албанската и екс-југословенската армија. Притоа, дополнително, пронајдени се памфлети и документи заедно со пропаганден муџахедински материјал. Ова е местото каде нашата полиција успеала да ја извојува битката и за кусо време да ги совлада малубројните криминални групи.

Освен во околината на тетовското село Бродец, полициски извори за ВЕЧЕР тврдат дека косовските групи од планините се повлекле во внатрешноста на селото. И тука, неколку часа имало битка. Најголемиот оган се одвивал токму во близина на селската џамија, каде што бил стациониран со снајперска пушка и самиот Рамадан Шити. Откако оганот на тешките митралези на оклопните возила на неколкупати ја погодил џамијата, тој панично се обидел да избега. Дваесеттина метри подоле, во напуштена куќа, во обид да фрли бомба кон македонските специјалци, се разнел себеси.

Неофицијално, неполни час и половина по комплетното разбивање на криминалната група, ВЕЧЕР дознава дека неколкумина, кои што биле остатокот од нив, се повлекле кон соседните села Вешала, Вејце и Бозовце.

КОНЕЧНА ПРЕСМЕТКА НА МВР
Шест мртви, шест повредени и 13 приведени терористи е конечниот биланс од завчерашната акција на полицијата "Планиска бура" во тетовското село Бродец.

Полицијата завчера во раните утрински часови по долго организирана стратегија тргнала во потера на Лирим Јакупи (38), Рамадан Шити, Амир Сола, сите од Косово, Фатос Алија (30) албански државјанин, по кој имало распишана меѓународна потерница за убиство на пратеник во Албанија и двајцата македонски државјани Хебиб Амети и Дурмиш Хасани, сите барани по потерници. При влезот во селото полициските специјаци биле нападнати од две куќи и од повеќе места од шумата во близина на селото. Куќите биле совладани, при што во просторија на долниот спрат од куќата сопственост на Ремзи Јаја, бил пронајден мртов Рамадан Шити. Покрај неговото тело полицијата пронашла поголемо количество експлозивни средства, автоматска пушка и рачен ракетен фрлач.

Уапсени се: Ханиф Дервиши (51) Бродец, Раметула Даути(25) Бродец, Шкендим Даути (25) Бродец, Невзат Зибери (44) Бродец, Измет Амети (55), татко на Хабиб, Мемети Ислами (28) Тетово, Амети Флурим (23), од татко Измит, Ариани Невзат (54)Бродец, Амети Хабиб, (26) Бродец, водач на вооружената група а се барал по потерница заради убиство на чувар во тетовскиот затвор, Шехир Зибери (29) Бродец, Нади Даути (48)Бродец, Беќири Бафќар (44) Бродец, Даут Тафил (40) Бродец.

Ликвидирани, покрај Рамадан Шити (24) од Косово, и Беќи Мемети (21) од Тетово, Шахини Ферат (20) од Бродец, Фидан Фејзулаху (24) од Приштина, Гавази Имер (42) од село Стари Мирај, Косово и Фисник Мети, алијас командант "Чемај". Сите приведени и убиени терористи на себе носеле униформи без ознаки или пак делови од униформи. (М.С.)

Албанија се меша во нашите работи
Албанија е загрижена поради инцидентите кои се случија во северозападна Македонија, каде осум лица беа убиени при операцијата на полицијата, јави албанската новинска агенција АТА.
- Ние го осудуваме секој акт на дестабилизација, но истовремено бараме македонските власти да избегнуваат какво било заплашување, притисок или насилство над жителите во областа, каде полицијата ја изведе акцијата, истакна таа. МНР и натаму внимателно ќе ја следи ситуацијата во Македонија и повикува на смиреност и воздржување.

11 хоспитализирани од акцијата
Вкупно 11 лица се ранети или повредени при акцијата на полицијата во средата во Тетовско, соопштија од Клиниката за хирургија во Скопје. Сите 11 лица се македонски државјани. Портпаролот на Клиниката не можеше да појасни дали сите се цивили или има и полицајци. Десет од ранетите биле примени на Клиничкиот центар во средата, а едно лице во четвртокот. Двајца од повредените со огнострелни рани се оперирани и задржани на Клиниката за пластична хирургија, односно на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. На КАРИЛ задржани се и други пет лица со повреди што не се од огнено оружје и се сместени на Одделението за интензивна нега. Останатите четворица се со полесни рани и се пуштени на домашно лекување.

Александар СРБИНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари