Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими македонската параолимпијка, Оливера Наковска-Бикова и тимот што ќе ја придружува на претстојните Параолимписки игри, од 28 август до 8 септември, во Париз.
На средбата со Наковска-Бикова, која е единствена македонска спортистка на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска-Давкова беше запозната со подготовките, предизвиците и очекуваните резултати во трите стрелачки дисциплини во кои таа ќе се натпреварува.

Врачувајќи го државното знаме, што нашата спортистка ќе го развее на Параолимписките игри, претседателката Сиљановска-Давкова, се осврна на извонредно значајните спортски достигнувања на македонските параолимпијци, кога Бранимир Јовановски донесе злато на игрите во Барселона во 1992, Оливера Наковска-Бикова златен медал во 2012 година во Лондон, а Ванчо Каранфилов сребрен медал од олимписките игри во Атина во 2004 година.
Во таа насока, претседателката Сиљановска-Давкова изрази уверување дека и покрај нашето скромно учество, со само еден натпреварувач на параолимпијадата, македонската спортистка ќе оствари успеси што ќе бидат национална гордост.

Претседателката изрази задоволство од континуираната и посветена заложба на параолимпијците, не само во достоинственото претставување на државата на најпрестижниот спортски настан, туку и во надминувањето на препреките и стереотипите. Во тој контекст ја нагласи потребата македонското општество, институции и поединци активно да придонесуваат во насока на подобрувањето на условите за нашите сограѓани со попреченост.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата