logo
logo
logo

Што треба да ни се случи за да паднат „нашиот“ претседател на Собрание и „нашата“ Влада?

Vecer | 23.06.2022

Што треба да ни се случи за да паднат „нашиот“ претседател на Собрание и „нашата“ Влада?

Што треба да НИ СЕ СЛУЧИ за да паднат „нашиот“ претседател на Собрание, и „нашата“ Влада?, прашува Гордана Силјановска Давкова. Нејзиното обраќање следува во продолжение: Да сториме нешто денес, утре е доцна! И на протестот на 18-ти и на протестот од 22-и, граѓаните бурно и драматично предупредија на реалната опасност од воспоставување новобугарска „администрација“ во Македонија, како УСЛОВ за почеток на преговори, иако безброј пати го слушавме рефренот на ЕУ хорот, во кој пее и Бугарија дека ЕУ симфонијата е недовршена без нас и дека ние одамна сме ја поминале аудицијата, па редно е да се закаже генерална проба на демократската ода на радоста. Ама, Република Бугарија, државата која поита прва да ја признае Република Македонија(а, признавањето не е механички, туку државнички чин) сега не ни го признава, што би рекол г-динот Макрон, не само сувереното право на европска држава да станеме членка на ЕУ, туку ни го оспорува правото да почнеме преговори, односно дијалог, правејќи од нас по кој знае кој пат, ЗЕМЈА на ПРЕСЕДАНИТЕ, односно држава – ПРЕСЕДАН! Згора, бугарските власти ни поставуваат непознати, неевропски/антиевропски/антицивилизациски услови за почеток на преговори! Наместо европеизација, втемелена во копенхагеншките критериуми, што, патем, Бугарија не ги исполнуваше дури ни кога влезе во ЕУ, а некои од нив не исполнува ни денес, ние, по грчките критериуми, што добија ЕУ дикција, сега треба да ги исполниме и бугарските, што прераснуваат во лоша, новокомпонирана евровизиска композиција. Зошто? Затоа што, бугарските фрустрирани политичари демонстрираат политичка моќ над Македонија, а посредно и над Албанија, лекувајќи си ги балканските комплекси на инфериорност, ама сега во карикатурална форма на ПРЕПОТЕНТНА, привилегирана балканска претставничка во ЕУ! Наместо кон Брисел, не турка кон Софија, во процес на бугаризација и балканизација , скициран во ЕУ преговарачката рамка и операционализиран во бугарска протекторатска, великодржавна, протоколарна слика! Наместо да се евроинтегрираме/ европеизираме, ние треба да ја бугаризираме нашата историја, трансформирајќи се од жртва во џелат. Во отсуство на усул кај наследниците на некогашниот окупаторот, кои, наместо да се извинат за грдото минато и петно и да побараат прошка за грешките на предците, бараат од нас да ја превземеме нивната вина, саможртвувајќи се себеси, историјата, нашите предци и потомци. Го бараат од нас невозможното: нашата ИСТОРИСКА ТРАГЕДИЈА да ја прифатиме како НИВНА НАЈРОМАНТИЧНА ИСТОРИСКА ПРИКАЗНА?! За возврат ќе ни одобрат ПОЧЕТОК на маратонот чиј СУДИЈА се тие! Што се случува кај нас? НАЈОДГОВОРНИТЕ глумат дека не се ОВДЕ, или не се ОДОВДЕ, не биле ТАМУ, се думаат дали да ОДАТ, но сепак ќе ОДАТ, оти научени се да го прават тоа што од нив се очекува! Каде е претседателот на државата да се обрати пред заборавеното и запоставено собрание од оние кои ОДГОВАРААТ пред него, во амбиент на неуставно укината поделба на власта и повампирена нововлада, односно мини влада на неколку карикатурални ликови, од кои, првиот е политички сијамски близнак на „ ЗАМИНАТИОТ ЗЗ “, но и СЕНКА на ФАКТИЧКИОТ ПРЕМИЕР, кој згора е и НАЈМОЌНИОТ ПРАТЕНИК, политичкиот КУКЛАР кој речиси дваесет години си тера КАКО ДОСЕГА, односно ПО СВОЕ, иако не изустил ниту еден парламентарен ЗБОР! Собранискиот каудиљо, пак, е негова политичка кукла на далечинско управување, која ниту верува во, ниту практикува демократија, туку тренира (ПАРА)ВОЕНА СТРОГОСТ врз пратениците, докажувајќи му на АЛИ БАБА безрезервна послушност и верност заради каузата! Каде е претседателот на државата? Што прави? Добар ли е? Зарем заборави дека според УСТАВОТ е прв во меѓународната политика и дека ја претставува РЕПУБЛИКАТА дома и во странство? Зарем нема кој да го потсети дека неговиот уставен и изборен легитимитет е изворен и директен, а не изведен/деривативен, како оној на министрите, а да не зборувам за „ ЛЕГИТИМИТЕТОТ“ на премиерот, чиј „ извор“ се понорницата со име Заев и кривулестите собраниски партиски рекички/поточиња, што, ту секнувааат, ту се појавуваат? Зарем не знае дека не мора да го чека крајот на 2022 за да проглаголи и дека во овие тегобни времиња за македонската држава, народ и нација не смее(ше) несреќно формулираната уставна норма од членот 85, став (1) за известување на Собранието најмалку еднаш годишно да ја сфати како НАЈМНОГУ ЕДНАШ ГОДИШНО. Не е доцна да го стори тоа и да стане ПРЕТСЕДАТЕЛ на граѓаните на Македонија! Посебна одговорност имаат т.н „ помали партии“, односно пратениците од овие партии, од чиј однос зависи не само опстанокот на Владата, туку и на нацијата! Ги чувме нивните дилеми, звучат логично, одговорно, народно. Ама, ако по брза постапка падна бугарскиот претседател на Собранието, а по него, во брза постапка падна и владата на премиерот Петков, што треба да НИ СЕ СЛУЧИ за да паднат „нашиот“ претседател на Собрание, и „нашата“ Влада? Време е за EX ANTE постапки, а не за POST FESTUM реакции. Да делуваме денес, наместо да тажиме утре!!, повикува Силјановска Давкова преку статус на Фејсбук.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk