Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров беше гостин во емисијата „360 степени“ и  во фокусот беа неговите ставови изнесени на прес-конференцијата одржана два дена претходно, на 12.1.2022 година.

Димитров нагласи дека критиките и нападите биле очекувани, со оглед на сериозноста и тежината на прашањето, како и најавата за отворање разговор за сите суштински теми како што се клиентелизмот и корупцијата, но појасни дека ни претходно не молчел:

  • Не бев толку отворен затоа што битката ја водев внатре. И тоа ми беше задача – ако сум дел од еден тим, за своите позиции морам да се борам внатре. И не е баш дека останав без ништо, па ајде сега ќе се лутам. Ако била приказната и мојата амбиција за функции, јас добив понуда за една од најпрестижните функции во македонската дипломатија, а тоа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или ако не е Вашингтон дури и да си изберам земја или меѓународна организација каде сакам да работам. Јавноста треба да знае дека таа функција не е толку изложена на јавност, на притисок и на стресови, а има поголеми бенефиции и некаде пет пати поголема плата од платата на член на Влада.

Јас решив сега да зборувам, бидејќи гајлето што го носев јас како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да можам да го носам сам, бидејќи не сум внатре.

Во реакцијата од кабинетот на премиерот се вели дека Димитров ги напаѓа позициите од кои бил дел, што ги градевме заедно. Јас во одговор на едно новинарско прашање на самата прес-конференција кажав дека точно, за одговорите на 5+1 точките што ги постави Бугарија, сум дел од нив и стоиме заедно, изградивме заеднички став. Меѓутоа, тој став беше мачно граден. На најкрупно, мислам дека јавноста треба да знае, тоа веќе го споменав до некаде, во битката внатре за градењето на заеднички македонски позиции во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка дека ’ако одиме вон оваа линија, тоа ќе мора да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен’.

Тоа му го кажав и на премиерот, во присуство на министерот за надворешни работи Османи – оваа работа без мене. Последниот пат, бидејќи беа актуелни преговорите со Алтернатива околу идната влада, реков: ’Еве и ќе олеснам, ако одите вака, моето вицепремиерско место, ќе ги олеснам тие преговори, може да го понудите на политичката партија Алтернатива‘.“

Во продолжение, Димитров нагласи дека неговите критики кон сегашниот и иден МНР Бујар Османи немаат никаква врска со неговата етничка припадност, туку се темели на лично сведоштво на искажани ставови и во рамките на внатрешната координација, а и на информации што ги добивал од министри и амбасадори на земјите членки на ЕУ:

  • Ќе биде погубно за нашата заедничка куќа ако Македонците не се грижат за албанските интереси и ако Албанците не се грижат за македонските интереси. Ако беше предмет на предизвик албанскиот јазик, јас ќе го бранев со иста страст како што го бранам и македонскиот јазик.

Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа. Меѓу другото, тој и во јавност имаше изјава кога кажа ‘мислам дека Бугарија веќе не оди кон идентитетските прашања’, а приговорот на Бугарија кон македонскиот јазик во преговарачката рамка до ден денес, за жал, уште не е симнат. Нема јасен сигнал од таа страна дека се свесни дека без таа работа нема договор. Мене не ми е целта да го нападнам или политички да му наштетам на Бујар Османи. Мене ми е целта да ја предупредам македонската јавност дека гајлето ќе мора да се бере.

Реално, треба да бидам фер, да дадеме шанса. Ќе имаме нов премиер, ќе видиме како тој ќе се постави. Поздравувам тоа што кажа дека ќе ги следи линиите поставени од Декларацијата за македонските позиции усвоена во Собранието. Истовремено, ги повикувам да имаат владин став за тоа дали евентуалното решение ќе оди во Собранието на одобрување, бидејќи токму Бујар Османи кажа дека не мисли дека е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност.“

Мислам дека идејата да не се зборува само за историјата, која што е важна меѓутоа не можеме да ја смениме, туку да зборуваме за прашања кои што ни се важни денес и утре: економска, културна, одбранбена соработка, инфраструктура итн. е добра идеја и на некој начин и охрабрува бидејќи тие се полињата каде може да направиме разлика и напредок.

Има една комплексна политичка ситуација во Софија и мислам дека крајниот исход дали ќе има вистина пробив или нема да има, во голем дел зависи и од таа комплексна политичка ситуација: коалициска влада од четири партии, шеф на држава, претседателот Радев кој што – дури и Советот за национална безбедност го свика за да се разговара за ова прашање.

За предочувањето дека тој самиот не се согласувал и со други политики на Владата, вклучително и за справувањето со КОВИД пандемијата, за што со своја реакција се произнесе министерот за здравство Филипче, Димитров одговори дека неговата борба ја водел на владините седници и за тоа постојат стенографски белешки:

Кога сте дел од еден тим, мора да се борите од внатре. Гајлето најголемо кое што го носев јас, сега бидејќи не сум внатре, треба да го носиме сите, во однос на темата на Бугарија.

  • Додека бев внатре апсолутно не молчев, дури ни во јавност, а посебно внатре. Второ јас не останав на улица, мене ми понудија исклучително привлечна позиција. Благодарам за тоа. Можев да одам таму со пет пати поголема плата, ама да молчам. Јас одбрав да останам дома и да бидам уште погласен бидејќи можам и бидејќи такви се околностите, треба. Ние ако не го залуламе тој чамец на клиентелизмот за да не знае што го снашло, никогаш нема да успееме да одиме напред. Ако младиот човек – Македонец, Албанец, Турчин, Србин, било што, наш граѓанин не аплицира…знаете дека на конкурси речиси луѓето не аплицираат ако не се на некаков список.“

Димитров за крај подвлече дека досегашните функции во Владата на Заев ги извршувал како непартиски член при што сосема ја оправдал довербата, а останува активен чинител во нашето општество за прашањата кои се важни за да се обезбеди подобра иднина, особено за младите.