logo
logo
logo

Шилегов најавува нови автобуски рути и унапреден јавен превоз за помалку од две години години

Vecer | 01.06.2021

Шилегов најавува нови автобуски рути и унапреден јавен превоз за помалку од две години години


Град Скопје денеска потпиша договор за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линиите на автобускиот превоз.

Како што информираат градските власти, потребата од ваква студија се наметнала заради фактот што актуелната мрежа на линии, според која е организиран автобускиот превоз во Скопје, е направена врз основа на студија која датира од пред точно 40 години – од 1981 година.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=oT4u2W667Iw[/embed]

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, посочи дека изработката на оваа нова студија е и повеќе од неопходна, имајќи предвид колку градот е променет за овие 40 години и во однос на популацијата и во однос на урбаниот развој.

Студијата е наречена BRS (Bus Restructuring Study), а со нејзина помош ќе се изврши целосна реорганизација на мрежата на автобуски линии.

„Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот – одржлив“, нагласи Шилегов.

Оваа студија, објасни градоначалникот, ќе понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред што ќе биде во целосна согласност со потребите за мобилност на граѓаните во различни периоди од годината, викендите, празниците, но и дневните периоди усогласени со временските пикови.

„Дополнително, студијата ќе ги вклучи и 2-те рути на брзиот автобуски транспорт БРТ, со алтернативни сценарија со една рута и без овие рути за периодот пред неговото пуштање во употреба. Временската рамка која е предвидена за реализација на овој проект е 12 месеци, односно Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од 2 години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје“, порача градоначалникот.

За изработувач на студијата е избран конзорциумот меѓу израелската компанија РОМ Транспортејшн и англиската ГСТЦ ЛТД со понуда во висина од 322.530 евра.

„Понудата е избрана како најдобра од вкупно 17 понуди од светски реномирани консултантски организации од сферата на транспортот. Станува збор за исклучително искусни и реномирани компании кои изработувале вакви студии за потребите на јавниот превоз на градови од Израел, Велика Британија, Романија, Литванија, Хрватска и други земји членки на ЕУ, градови од соседните Србија и Албанија, како и градови од поранешните советски републики, од Јужна Америка и други“, рече градоначалникот по потпишувањето на договорот.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk