logo
logo
logo

Шекеринска: Ги искористивме сите канали за порано да имаме вакцини

Vecer | 13.03.2021

Шекеринска: Ги искористивме сите канали за порано да имаме вакцини

Во врска со набавката на кинеските вакцини министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за емисијата „Трилинг“ на телевизија 24 Вести ги отфрли шпекулациите дека Владата отворила офшор фирма за таа цел. Таа нагласи дела „ако некој сакал да води бизнис, тој и ќе се случел“, потенцирајќи дека целта на Владата била да ги искористи сите канали за да обезбеди што е можно побрзо вакцини.

Водејќи се од тоа дека со вакцините не треба да се води политика, Владата, рече Шекеринска, потпиша договор за набавка на вакцини од западно производство, како што е „Фајзер“, но истото го направи и за кинеските и руските вакцини.

– Сите оние коишто дојдоа и рекоа можеме да ги обезбедиме, сакавме да најдеме шанса што е можно порано да ја имаме вакцината, нагласи Шекеринска, потенцирајќи дека биле искористени сите канали за да се набават вакцини оти „ситуацијата е таква што не може да се чека, туку мора да се бара опција“.

Министерот за здравство Венко Филипче при гостување во емисијата Топ Тема на Телма, изјави дека откако не успеале во иницијалните обиди да стапат во контакт со прозводителот на вакцините во Кина, од кинеските компании кои работат во земјава добиле препорака како да стигнат до производителите.

– И стигнавме до нив, разговаравме и за количините и за времето на транспорт. По известувањето на тамошното Министерство ни беше укажано дека тоа не е патот по кој треба да се оди и ние тоа го испочитувавме. Какви провизии, кога ние сме направиле уплата и таа е вратена, изјави Филипче.

Тој нагласи дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се во континуиетет и дека раководните луѓе од партијата сакаат да ги пресликаат работите што ги правеле кога беа на власта.

Според Филипче, здравствените власти будно ги следат забелешките на другите земји за вакцината на „АстраЗенека“, која државава треба да ја добие преку Ковакс механизмот.

– Внимателно ги следиме забелешките од другите земји. Будно следиме, препораките од самите производители и одлуките во одредени земји. Врз основа на тоа ги градиме нашите препораки, нагласи Филипче, додавајќи додаде дека лично нема проблем да се вакцинира со која било вакцина, бидејќи како што нагласи сите се безбедни.

Состојбата со ковид-кризата и набавката на вакцини одново беше повод за меѓупартиски препукувања. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта  ја ставила земјава на „црната листа по број на починати од корона на милион жители, на дното на листите по набавени вакцини“.

– Од декември месец во соседните земји е започната масовната вакцинација, а во Македонија стагнира поради Заев и Филипче, посочи ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение, обвинувајќи дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче со набавката на кинеските вакцини покажале оти „им се поважни парите и профитот, од здравјето на граѓаните“.

На оваа СДСМ одговори дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своето деструктивно и неодговорно делување и преку лаги и измислени конструкции се обидува да го девастира здравствениот систем и да внесува страв и вознемиреност кај граѓаните

– ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски без докази со лажни обвинувања за наводни провизии и нерегуларности, намерно го поткопува процесот за набавка на вакцини, со што предизвикува директна штета за здравјето на граѓаните, посочи СДСМ во партиско соопштение, додавјќи дека во набавката на кинеските вакцини, нема ништо незаконски.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk