Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска уште еднаш повтори дека не треба да биде дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа, како што истакна, се однесува на сите функции.

Шекеринска потврди дека останува во СДСМ. Не е од оние луѓе, рече, кои веруваат во вредности и припаѓаат на некоја партија само како фунционери.

На новинарско прашање дали ќе прифати друга функција и дали ако не добие ќе остане тука или сепак ќе замине во Вашингтон, Шекеринска одговори дека би било несериозно од едно место да се префрли на друго.

– Сето останато три години го слушам и никако да се случи. Би сакала малку повеќе да зборуваме за суштински, реални нешта, а помалку да губиме време на дезинформации и кујнски сплетки, истакна Шекеринска по приемот на донацијата од 100.000 кинески вакцини во поликлиниката „Јане Сандански“.

Министерката потенцира дека во СДСМ била активна и како член во раководството и без.

-Верувам во работа и сработено, а не во функции. Не мислам дека треба да помогнеме на државата само ако носиме значка на функционер, партиски или државен, рече Шекеринска.

Во однос на одбраната, каде што е прв човек, Шекеринска рече дека се исполнети двете клиучни цели, членството во НАТО и подобрувањето на условите во Армијата, но преостанува, како што подвлече, уште многу работа.