Шекеринска: Членството во НАТО ќе помогне, но нема да ги реши сите наши проблеми

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја отвори дебатата насловена „Помеѓу фактите и фикцијата – што ќе донесе пристапувањето на Македонија во НАТО“, во организација на Институтот за европска политика.

На неа беа презентирани и два независни истражувачки труда за ефектите од пристапувањето на нашата држава во Алијансата.

Шекеринска на почетокот од своето воведно обраќање го изрази задоволството од соработката на државните институции со граѓанскиот сектор и истакна дека Владата цврсто верува оти државата може да стане подобро општество, поинтегрирано, попросперитетно, преку членството во НАТО и ЕУ.

„Неподелен е ставот помеѓу сите 29 членки на НАТО алијансата, дека Македонија е подготвена да стане 30 земја членка. И тоа е нешто на што треба да бидеме горди затоа што оваа држава во брзо време успеа да го надомести загубеното. Меѓутоа се разбра процесот ќе зависи од завршување на процесот на уставни измени и од пораките кои што ќе ги испраќа РМ за целиот период на ратификација“, рече министерката на отворањето на дебатата.

Таа додаде дека сепак не треба да се чека НАТО членството да ги реши сите наши проблеми, туку дека тоа е процес на растење, трансформација и подобрување на државата.

„На крајот се ќе зависи од нашите сили, се ќе зависи од нашиот капацитет и моќ на граѓаните да им обезбедиме подобри шанси за живот“, посочи Шекеринска.

Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика рече дека членството во НАТО ќе донесе зголемен развој и прилив на инвестиции.

„Базирајќи се на искуствата на останатите земји кои пристапиле во НАТО во изминатите 10-ина години, она што може да очекуваме е секако зголемен развој, зголемен прилив на странски директни инвестиции, меѓутоа со една нота на внимателност дека голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и дали ќе можеме да го оспособиме домашното стопанство и економија“, истакна таа.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари