logo
logo
logo

Шахпаска: Отворени две куќи за живеење со поддршка во Демир Капија

Vecer | 27.05.2021

Шахпаска: Отворени две куќи за живеење со поддршка во Демир Капија


Како дел од процесот за деинституционализација, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, присуствуваше на отворањето на две куќи наменети за живеење со поддршка во Демир Капија.

„Денеска во Демир Капија, го воспоставуваме живеењето со поддршка односно отвораме две станбени единици, во кои што ќе бидат сместени довчерашни девет станари на Специјалниот Завод Демир Капија“, рече Шахпаска. На настанот присуствуваше и Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија и градоначалникот на Општина Демир Капија , Лазар Петров.

Шахпаска истакна дека процесот на деинститутионализација продолжува до исполнување на целта , ниту едно лице да не остане во установите за социјална заштита.

Таа потенцираше дека негувателите и стручните лица кои ќе работат со корисниците ќе можат да применат индивидуален пристап, да изградат однос со секој од нив, да ги разберат нивните потреби, но и да ги идентификуваат и зајакнат јаките страни и потенцијалите на корисниците. Односно дека тие ќе работат во значително подобри услови и ќе можат да се посветат на својот професионален развој, со цел унапредување на квалитетот на услугата.

„Со процесот на деинституционализација овозможивме да нема ниту едно дете под 18 години, сместено во резиденцијална установа. Од првичната бројка од 480 корисници во овие установи, стигнавме до бројка помала од 250 корисници. Со поддршка на Европската Унија и заедно со граѓанскиот сектор, градиме мостови на доверба во грижата за најранливите категории на граѓани,“ рече министерката.

За претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Никола Бертолини, овој нов модел на независно живеење е модел на најдобрите практики за адресирање на потребите на лицата со попреченост.

„Единиците за независно живеење се јасен пример кој покажува дека потребите на лицата со попреченост не се посебни и дека ним не им се потребни посебни третмани во институциите, нивната единствена потреба е да бидат третирани рамноправно. Нашите општества мора да научат да се борат против дискриминацијата и да ја гледаат различноста како позитивен елемент за признание и почит. ЕУ постојано и помага на Владата за јакнење на капацитетите на институциите и на јавните политики, подобрување на пристапноста на институциите и вработувањето и обезбедува системска поддршка на процесот на деинституционализација, се со цел лицата со попреченост да се вклучат во општеството“, порача шефот на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.​


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk