СЕЗОНАТА НА ПОЖАРИ НЕ Е ЗАВРШЕНА, секој ден има по околу 30, вели Стојанче Ангелов

Според Стојанче Ангелов, првиот човек на ЦУК, сезоната на пожари не е завршена и смета дека можно е во септември да има најмногу пожари.
Сезоната на пожари не е зад нас. Вкупно во јули имавме 210 пожари, август 622 пожари и досега во септември имаме 432 пожари. Ако продолжиме вака ке имаме во септември највеќе. Секој ден во просек има по триесеттина пожари и сите се на отворен простор, многу од тие пожари остануваат мали, само заради брзата интервенција на територијалните противпожарни служби, на кои им изразувам голема благодарност за нивната пожртвуваност, имајќи предвид дека се со недоволен број на луѓе и со застарена техника, рече тој за Студио 10 на ТВ24.
Тој изјави дека во гаснењето на пожарите, користи така наречена американска доктрина, првиот момент од таа доктрина е рано дознавање и рана детекција.
Итука сме многу успешни затоа што сите пожари многу брзо ги дознаваме. Вториот момент е брз почетен удар, не чекаме, туку веднаш дејствуваме и третото начело кое го практикуваме е одржување на пожарите да останат мали, односно да не се шират.Тука секако се и редовните постапувања, палење на контра-пожар и слично. Оваа стратегија се покажа многу успешна и затоа оваа година немаме катастрофален пожар. Даваме се од себе за да ги заштитиме пред се граѓаните, како и нивниот имот, изјави Ангелов.